Search

Норвешка поддршка за отпочнување на сопствен бизнис

Триесет невработени лица од Вардарскиот, Полошкиот, Југозападниот и Североисточниот плански регион од денес почнаа да посетуваат обука за отпочнување на бизнис која ја спроведува Агенцијата за поддршка на претприемништвото со поддршка на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, финансиран од кралствата Норвешка и Шведска.

Вкупната финансиска поддршка за оваа активност во износ од околу 200,000 евра е  обезбедена во рамките на проектната компонента за подобрен пристап до вработување која е финансирана од Норвешка. Oбуките се наменети за невработени лица од овие четири региони кои имаат идеја за отпочнување на сопствен бизнис, но немаат капацитет за изготвување на бизнис план.

„Имавме голема заинтересираност за овие обуки од страна на невработените лица од овие четири региони. Според критериумите за апликација половина од пријавените се жени, додека една третина се млади со возраст под 29 години. Обуките, во следните четири недели ќе се спроведуваат во Кавадарци и Куманово од страна на 11 искусни обучувачи од Агенцијата и Регионалните центри на Агенцијата, како и од надворешни консултанти. Според нашето досегашно искуство, очекуваме најголем број од посетителите на обуките да изготват одржливи бизнис планови со кои ќе имаат можност да побараат дополнително финансирање и како краен резултат да регистрираат свој бизнис“, вели Иле Митковски, директор на Агенцијата за поддршка на претприемништвото,.

Покрај обуката за изготвување на бизнис план, преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, лицата со најдобар бизнис план ќе добијат и дополнителна помош преку набавка на опрема за нивниот бизнис.

„Во соработка со проектот, најдобро оценетите бизнис планови и идеи дополнително ќе бидат поддржани преку набавка на потребна опрема за успешно функционирање на нивниот бизнис. Се надеваме дека преку оваа поддршка, невработените лица од овие региони ќе можат да отпочнат бизнис и да обезбедат дополнителни вработувања“, изјави Митковски.

Најголем дел од бизнис идеите на учесниците на обуката се однесуваат на отпочнување на сопствено производство во земјоделскиот, прехранбениот и угостителскиот сектор, како и за отворање бизниси за услужни дејности. Се очекува бизнисите да отпочнат со работа од ноември оваа година.

Треба да знаете
Последни објави