Search

Нов негативен рекорд во Грција, починаа 72 лица од Ковид-19

Во Грција денеска е регистриран нов негативен рекорд на смртни случаи од Ковид-19 на дневно ниво, со починати 72 лица. Дополнително е зголемен и бројот на пациенти приклучени на апарати, 519 лица, односно 20 повеќе од вчера.

Паралелно, намален, во споредба со вчера е бројот на новозаразени, регистриран е 2.581 нов случај, од кои 673 се во Солун и 582 во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

На денешната редовна прес конференција за Ковид-19 во Министерството за здравство на Грција, професорката епидемиолог и член на надлежната комисија Вана Папаевангелу рече дека во изминатата седмица се забележува мало, но стабилно зголемување на просечната возраст на новите случаи, што изнесува околу 45 години.

– Мислам дека вреди да се коментира и предизвикува загриженост тоа што нема јасно намалување на епидемиолошкиот бран три седмици по карантинот во северна Грција и две седмици по спроведувањето на хоризонталните мерки низ цела земја, рече Папаевангелу.

Во Грција, од почетокот на епидемијата се регистрирани вкупно 87.812 лица заразени со коронавирусот, а починаа 1.419 лица.

Треба да знаете
Последни објави