Search

Нов Зеланд забранува полуавтоматско оружје

Премиерката на Нов Зеланд, Жакинда Ардерн, во четвртокот рече дека полуавтоматските и јуришните пушки ќе бидат забранети во согласност со новиот закон за оружје, по неодамнешното убиство на 50 лица во најголемата пукотница во земјата.

Ардерн рече дека очекува новите закони да стапат на сила од 11 април.

Австралискиот екстремист Брентон Тарант минатиот петок во две џамии во Крајстчерч уби 50 муслимански верници, и рани повеќе од 50 лица.

По нападот Ардерн вети дека ќе ги промени законите за оружје со цел итно да се ограничи пристапот до огнено оружје, особено полуавтоматско оружје како што е пушката АР-15, што ја користел убиецот.

Нов Зеланд е земја со само пет милиони луѓе, а се проценува дека има 1,5 милион парчиња оружје во земјата.

Според податоците објавени од страна на медиумите, во 2017 година повеќе од 99 проценти од барањата за издавање дозволи за поседување огнено оружје беа позитивно решени.

Од 43.509 барања за издавање дозволи, беа одбиени само 188 барања, покажуваат податоците.

Треба да знаете
Последни објави