Search

Новогодишен прием за дипломатскиот кор во Република Македонија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска беше домаќин на традиционалниот Новогодишен прием за дипломатскиот кор во Република Македонија. На приемот, покрај  Министерот се обрати и доајенот на дипломатскиот кор во Република Македонија, амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон.

Во своето обраќање, Димитров се осврна на клучните настани и надворешно политички активности во изминатата 2018 година, со фокус на преговорите со Грција кои резултираа со потпишување на Конечната Спогодба во Преспа.  Во тој правец, Министерот истакна: „Благодарни сме за позитивните реакции на меѓународната заедница за процесот на преговори како и за самиот исход. Голем број светски лидери и дипломати изразија пофалба до сите страни во процесот. Бевме посветени, од ова зависат нашите стратешки цели: полноправно членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ во 2019 година. Со нетрпение ја очекуваме оваа година во која ќе славиме конкретни резултати во насока на исполнување на нашите стратешки цели.”

Доајенот на Дипломатскиот кор во Република Македонија, амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон, во име на сите членови на Дипломатскиот кор се заблагодари за организираниот прием, истакнувајќи ја одличната соработка со Министерството за надворешни работи и со министерот Димитров. Воедно, Амбасадорот упати пофалби и честитки за исклучителниот дипломатски ангажман изминатата година, кој вроди со историски резултати на планот на решавање на најважните отворени прашања на надворешно-политички план. Притоа изрази надеж дека целокупниот процес наскоро ќе се финализира и ќе доведе до отклучување на вратите за исполнување на стратешките приоритети на земјата.

Треба да знаете
Последни објави