Search

Нови рочишта за „Тревник” и „Тарифа” на СЈО

Во Кривичниот суд во Скопје за денеска се закажани нови рочишта за случаите „Тревник” и „Тарифа” на Специјалното јавно обвинителство.

Во случајот „Тревник” обвинети се Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Според СЈО, обвинетите изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно градење без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Ново судско рочиште денеска треба да се одржи и за случајот „Тарифа”, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, и уште две други лица.

Во овој предмет станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија” вреден околу четири милиони евра.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП-систем”. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Треба да знаете
Последни објави