Search

Новиот претседател Зеленски ќе почне процес за распуштање на украинскиот парламент

Новоизбраниот претседател на Украина, Володимир Зеленски ќе отпочне процес за распуштање на украинскиот парламент, изјави помошник украинскиот претседател, Дмитриј Разумков.

Тој рече дека Зеленски ќе покрене распуштање бидејќи постојат неколку услови за тоа, пред се недостаток на коалиција во парламентот.

„Според моето мислење, не постои коалиција, бидејќи двете коалициони фракции немаат 226 пратеници“, изјави Разумков за телевизијата „Еден плус еден“.

Зеленски претходно објави видео во кое повикува на распуштање на парламентот. Тој за време на кампањата ја спомена можноста за распишување на вонредни парламентарни избори, а редовните избори се планирани за крајот на октомври оваа година, потсети „ТАСС“.

Инаугурацијата на Зеленски ќе биде одржана в понеделник, на 20 мај. Во согласност со украинскиот Устав, претседателот може да го распушти парламентот и да повика на вонредни избори најдоцна шест месеци пред планираните избори, а во овој случај не подоцна од 27 мај. Актуелниот претседател на украинскиот парламент, Андреј Парубиј изјави во повеќе наврати дека нема основа за распуштање на Врховната рада.

Претходно денеска се распадна владејачката украинска парламентарна коалиција бидеќи партијата Народен фронт ја напушти фракцијата на поранешниот претседател Петро Порошенко.

Треба да знаете
Последни објави