Search

Новиот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи објавен на ЕНЕР

Мрежата и информациските системи, а пред сè интернетот, играат суштинска улога во олеснувањето на прекуграничното движење на стоки, услуги и луѓе. Поради таа транснационална природа, значителни нарушувања на овие системи, без разлика дали се намерни или ненамерни и без оглед каде се случуваат, може да влијаат и врз Република Северна Македонија. Затоа, безбедноста на мрежните и информациските системи е од суштинско значење за непречено функционирање на внатрешниот пазар.

Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија отсуствува правна регулатива во оваа област, се наметна потребата за изготвување на овој закон. Дополнително, со истиот се транспонира Директивата (ЕУ) 2016/1148 на Европскиот парламент и на Советот од 6 јули 2016 година во однос на мерки за висок општ степен на безбедност на мрежа и информациски системи низ Унијата, односно НИС Директивата.

 

Целта што треба да се постигне со новиот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи, е ефикасно справување со предизвиците на безбедноста на мрежите и информациските системи во Северна Македонија, во смисла на заеднички минимални капацитети за градење и планирање, размена на информации, соработка и заеднички безбедносни барања од областа на ИКТ.

 

Транспонирањето на НИС директивата, односно Законот за безбедност на мрежи и информациски системи произлегува од веќе усвоената Национална стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија (2018-2022). Оттука, работната група задолжена за спроведување на активностите кои произлегуваат од стратешките документи за сајбер безбедност е вклучена во процесот на подготовката на овој предлог закон.

 

Предлог законот, веќе е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи, каде што е достапен на коментари и забелешки. Истиот, во наредниот период ќе биде претставен и на јавна расправа пред сите засегнати страни.

Треба да знаете
Последни објави