Search

Нова сензација во Катар: Јапонците во германски стил ја победија Германија

Фудбалската селекција на Јапонија приреди нова сензација на Светското првенство во Катар.
Ако вчера Саудиска Арабија по пресврт славеше над големата Аргентина, денес Јапонците не се предадоа против моќната Германија и исто така по пресврт се изборија за голема победа (1-2) на стартот од групата Е.

Дуелот на прекрасната арена „Калифа“ во Доха донесе возбудлив фудбал во текот на сите 90 минути. Двете селекции играа отворено и со желба да ја стресат противничката мрежа, а доколку напаѓачите беа повеќе концентрирани и поефикасни во извршувањето на своите задачи, немаше да биде чудо ако на натпреварот беа постигнати уште најмалку пет погодоци.

Германија очекувано беше селекцијата која што доминираше на терен, Гундоган и Кимих владееја на средината на теренот, а брзита Гнабри, Мусијала и Хаверц донесо многу грижи во редовите на „самураите“, кои пак мудро и трпеливо ја чекаа својата шанса и во вистински момент го нападнаа фаворизираниот противник и се изборија за голем бод.

Првото вистинско возбудување на натпреварот пристигна по само осум минути игра, откако по една грешка на германската одбрана, Меада ја смести топката во мрежата на Нојер, но неговиот погодок беше поништен поради офсајд ситуација. Можноста на најистурениот фудбалер на Јапонија беше единствената на азиската селекција во првиот дел, бидејќи во продолжение, Германија ја презеде контролата и трка во офанзива по отворање на резултатот.

Шанси се нижеа пред голот на Гонда, Гнабри и Хаверц не ја погодија целта, но затоа на висината на задачата беше асот на Манчестер Сити, Илкај Гундоган, кој во 33. минута од пенал погоди за водство на „панцирите“ од 1-0, резултат со кој се замина на одмор. Пред фудбалерите да заминат во соблекувалните Хаверц за момент ги израдува германските фанови, погодувајќи во 49. минута, но се активари ВАР и поради офсајд не беше признат голот на напаѓачот на Челзи.

Германците моќно го отворија вториот дел. Гнабри и Мусијала беа во фокусот со нови промашени зицери, додека Гундоган ја стресе стативата, по што следуваше неочекуван шок за големиот фаворит. Трпеливите Јапонци дури во 75. минута ја дочекаа својата шанса, откако Доан искористи еден отпадок и погоди за 1-1, а само осум минути подоцна Германците паднаа во очај. Итакура го исфрли во празно Асано, кој по одличниот прием излезе сам пред Нојер и со прекрасен удар од речиси мртов агол стрелаше за голема радост на „самураите“ и неверојатна победа на Јапонија (1-2).
Во вториот натпревар од оваа група ќе се сретнат Шпанија и Коста Рика.

Треба да знаете
Последни објави