Search

„Нова” организира онлајн хуманитарен базар за училиштето за деца со посебни потреби „Иднина”

Меѓународното училиште „Нова” утре ќе го одржи Пролетниот семеен базар. Иако онлајн, поради ситуацијата со коронавирусот, базарот ќе ја задржи хуманитарната димензија. Собраните средства ќе бидат насочени кон основното училиште за деца со посебни потреби „Иднина” во Скопје.

Онлајн настанот ќе биде во 18 часот, а ќе може да се проследи преку фејсбук-страницата и јутјуб каналот на „Нова”.

Според „Нова”, ќе може да се погледнат кулинарските таленти на членовите на заедницата во меѓународното училиште, интервјуа, танцувачки настапи и изведби на песни додека сите заинтересирани ќе може да донираат средства преку интернет-страницата на „Нова”.

– За жал, светската пандемија ги смени плановите за овогодинешниот семеен базар, но одлучивме да не ја прекинуваме традицијата и да го организираме онлајн. Здравјето на нашата заедница, на нашите ученици и секако на сите граѓани ни е од огромна важност поради што програмата и концептот се адаптирани на овој начин. Нашето училиште од 11 март престана со работа, а часовите комплетно се оддржуваат онлајн и така ќе остане до крајот на учебната година. Со семејниот базар сакаме да им дадеме интересна содржина на сите граѓани кои се дома и воедно заедно да собереме средства за Посебното основно училиште „Иднина”, велат од „Нова”.

Семејниот базар е организиран од Здружението на родители и професори од „Нова” во соработка со училиштето. Досега дел од собраните средства на настанот биле наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника; Домот за деца без родители „11 Oктомври” во Скопје; Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост”.

Треба да знаете
Последни објави