Search

Нишикори го изненади Федерер на завршниот мастерс во Лондон

Јапонецот Кеи Нишикори го победи Роџер Федерер со 2:0 (7:6, 6:3) во вториот меч од групата Б на завршниот Мастерс турнир на најдобрите осум светски тенисери во арената О2 во Лондон. За Јапонецот ова беше трета победа против Швајцарецот во нивниот десетти меѓусебен натпревар.

Во првиот сет, во 12 од одиграните гемови немаше ниту една брејк топка од двете страни. Федерер беше во подобра позиција пред крајот на сетот бидејќи при 6:5 за него имаше и 15:30 во 12. гем, но Нишикори остана ладнокрвен. Јапонецот, пак, веднаш на стартот на тај-брекот направи два мини-брејка и предноста ја сочува до крајот.

Федерер го почна вториот сет одлично и му го одзеде сервисот на противникот, но Јапонецот возврати со иста мерка. Нишикори ја искористи и првата следна прилика за брејк и поведе со 4:2 па рутински го приведе мечот до крајот.

Претходно, на отворање на турнирот, Јужноафриканецот Кевин Андерсон го победи Австриецот Доминик Тим со 2:0(6:3, 7:6). Во вториот круг Јапонецот ќе игра со Тим, а Федерер со Андерсон.

Утре се играат мечевите од групата А меѓу Новак Ѓоковиќ и Џон Изнер, како и Марин Чилиќ против Александар Зверев.

Треба да знаете
Последни објави