Search

Никој никогаш не смее да биде убиен со пиштол на филмска сет, твитна сестрата на починат актер

Семејството на Брендон Ли, актерот кој почина во 1993 година среде снимање филм, сподели емотивна порака на Твитер по вчерашниот трагичен инцидент кој ја потресе филмската индустрија.

Роднините на Брендон Ли се огласија на Твитер во четвртокот во врска со трагедијата што се случи во текот на снимањето на вестерн во Ново Мексико, 28 години откако Брендон беше убиен во слични околности додека го снимаше The Crow („Враната“).

Во четвртокот, Алек Болдвин пукал од реквизит пиштол или филмски пиштол кој во принцип треба да е наполнет со ќор-фишеци, при што загина директорката на фотографија Халина Хачинс, а режисерот Џоел Соуза заврши во болница со прострелни рани. Инцидентот се случи во текот на снимањето на вестернот Rust (Рѓа).

Извори од полицијата открија дека пукањето на ранчот се случило на средина на сцена, но не се знае дали сцената се вежбала или се снимала.

„Нашите срца се со семејството на Халина Хачинс и Џоел Соуза и сите инволвирани во инцидентот на Rust“, гласи твитот од профилот кој го води сестрата на Брендон, Шерон Ли.

„Никој никогаш не смее да биде убиен со пиштол на филмски сет. Точка.“

Брендон Ли, син на иконата на боречки вештини Брус Ли, почина на 28-годишна возраст, на 31 март 1993 година, додека го снимаше филмот „Враната“ во Северна Каролина. Тој беше погоден од куршум со калибар 0,44, откако друг актер пукаше во него со филмско оружје за кое се мислеше дека е наполнето со ќор-фишеци, кои произведуваат само светлина и звук, но немаат смртоносно полнење.

Треба да знаете
Последни објави