Search

Николовска: Лиценца за одгледување на марихуана добила фирма во која сопственик е син на поранешен пратеник од СДСМ

Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција кажа дека Владата манипулирајќи ги потенцијалните и заинтересирани производители на канабис, создадала нова рекет машина преку која се собираат пари од бизнисмени кои се заинтересирани и сакаат да одгледуваат канабис.

„Денес ќе обелодениме една фирма која има добиено лиценца за канабис, инаку блиска до СДСМ и Заев. Една од лиценците за одгледување канабис ја има добиено фирмата ГРИН МЕДИКАЛС МКД Кочани, каде што еден од сопствениците е синот на поранешниот пратеник на СДСМ, Ванчо Ѓорѓиев познат во јавноста како Ванчо Деликатес. Сопственикот Ѓорѓи Ѓорѓиевски, син на Ванчо Деликатес, заедно со татко му се едни од најголемите финансиери наназад во годините во СДСМ со огромни суми на пари. Прашањето е многу едноставно, како е можно, токму една од лиценците од оваа хипер продукција на лиценци за канабис, да ја добие токму синот на еден од најголемите финансиери на СДСМ?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Николовска рече дека ова не е единствен случај на доделена лиценца на бизнисмен близок до СДСМ, а деновиве ќе обелоденат уште неколку.

„Низ кулоарите кружи информација дека добивањето лиценца чини од 300.000 до 500.000 евра. Уште еднаш прашуваме, дали е точно дека Заеви доделувале лиценци на нивни блиски фирми без истите да поседуваат соодветен елаборат, па практично сега лиценците им се незаконски? Дали после ова, конечно институциите ќе се охрабрат да реагираат и истражат ваков сериозен случај за кој доколку се утврди дека на незаконски начин се издавани лиценци ќе треба некој да сноси кривична одговорност?“, праша Николовска.

Треба да знаете
Последни објави