Search

Ниедна жртва на Ковид по подолго време во Косово

Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК), во својот редовен извештај за состојбата со пандемијата на Ковид-19, објави дека во последните 24 часа, по подолго време, не е забележан ниеден смртен случај на лице заразено од коронавирусот, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што забележуваат домашните медиуми, ова е само второ деноноќие во последните три месеци без ниедна жртва на заразата.

ИКШПК, во својата последна објава, епидемиолошката ситуација со Ковид-19 во Косово ја оценува како „стабилна, со тенденција на намалување на бројот на нови случаи во наредните недели, како резултат на спроведувањето на препораките” на здравствените власти.

Во последните две недели, нагласува Институтот, забележано е значително намалување, од дури 44 отсто, на бројот на заразени, така што активни носители на вирусот во моментов во земјата се 1.778 лица.

Во последните 24 часа забележани се 66 новозаразени, со што бројката на носители на вирусот од неговата појава кон средината на март годинава достигна до 15.208. Истовремено се регистрирани и 141 излекуван пациент, додека вкупната бројка на лица кои ја совладале болеста се искачи на 12.815. Досега починале вкупно 615 заразени. Вчера се извршени нешто повеќе од 500, а од почетокот на пандемијата вкупно 63.110 тестирања на лица за кои постоело сомневање дека се носители на вирусот.

Треба да знаете
Последни објави