Search

Нема напредок во преговори за финансирање на Зелениот Пакт на ЕУ

Министрите за финансии на ЕУ не постигнаа договор околу финансирањето на „Фондот за правична транзиција” на ЕУ со кој треба да се финансира Зелениот Пакт на Европската Комисија, најавен на крајот на минатата година.

Министерскиот совет за економија и финансии кој се одржа во Брисел вчера не успеа да ги приближи ставовите на двата главни табори на земји во ЕУ: од една страна земјите кои сметаат дека се потребни свежи пари за Фондот, од другата, земјите кои сметаат дека треба да се пренасочат постоечки средства, посебно оние од земјоделството и политиката на кохезија.

Целта на Фондот за правична транзиција е да се изедначат условите во разните земји членки на ЕУ за да можат да 2050 да постигнат климатска неутралност, односно нулта емисии на ЦО2, преку низа проекти и политики. Земјите од источна Европа кои се многу зависни од јагленот се во деликатна позиција, еколошките и економските реформи кои се потребни за климатска неутралност  се потенцијално опасни за пазарот на трудот како и ризично во однос на енергетска сиромаштија.

Европската Комисија минатата недела го објави инвестицискиот план со кој треба да се финансира европскиот Зелен пакт. Овој план предвидува мобилизирање на 25 отсто од буџетот на ЕУ после 2021 и гореспоменатиот Фонд за правична транзиција кој би добил околу 7,5 милијарди евра плус 11 милијарди од структурните и инвестициските фондови.

Овој предлог на ЕК треба да биде одобрен од земјите членки на ЕУ, но поделбите се длабоки.

Европската Комисија по вчерашниот министерски совет сепак увери дека и покрај поделбите имало и начелна согласност околу одредени точки на разговор, како мобилизирањето на 25-те отсто од буџетот после 2021.

Европските земји сѐ уште не постигнале компромис за повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија, оттука и потешкотиите во делот на преговорите за Фондот и Зелениот пакт.

Финансирањето на еколошката транзиција повлекува и подлабоки размислувања во ЕУ во однос на строгите буџетски правила на Европската Унија. Потпретседателот на Европската Комисија, Валдис Домбровскис, порача дека се работи на постигнување консензус, посебно во делот на државната помош.

Треба да знаете
Последни објави