Search

Нема веќе колење на свињи и кокошки во двор

Свињите кои се колат на фарма мора да се заколат во мобилна кланица, а не во двор. Суровото млеко од штала ќе може да се продава само ако е во млекомат. Ќе се регулира и продажбата на дивеч, но истиот мора да се обработи од страна на одобрен оператор со храна. Регулиран е и начинот на продажба на месо и риба од фарма, мед и јајца. 

Поддршка и развој на малите производители на храна од животинско потекло без да се доведува во прашање безбедноста на храната е целта на новиот предлог Правилник за барањата и условите и хигиена за производство и ставање во промет на храна од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност и за примена на традиционалните методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики кој го носи Агенцијата за храна. При носењето се води сметка за зачувување на традиционалните карактеристики на храната, преку флексибилна примена на законските и подзаконските акти кои се однесуваат на безбедноста на истата.

Предлог правилникот за кој во наредниве денови се очекуваат предлози и сугестии за негово подобрување, деновиве беше промовиран пред членките од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Комората, претставници од Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за ветеринарна медицина, како и членови на невладини организации и асоцијации.

Предлог правилникот кој во соработка со науката и невладиниот сектор го подготви Агенцијата за храна и ветеринарство е во фаза на законско усогласување со Секретаријатот за законодавство, но се уште е отворен за вградување на предлози и сугестии кои ќе значат негово подобрување. Работната група која го подготви текстот, ги зеде во предвид сите предлози и забелешки кои до Агенцијата ги доставија производителите во изминатиот период, а кон изработка на ново решение за регулирање на производството на малите производители на храна од животинско потекло, кои во најголемиот дел работат во руралните средини и произведуваат храна во помал обем, во посебни производствени услови се пристапи и поради оценката на Агенцијата дека постоечките подзаконски акти не се доволно применливи во пракса. При изработката на текстот на правилникот, земени беа во предвид нашите досегашни искуства, искуствата на земјите од регионот, но и од европските земји – истакна на презентацијата Фируз Мемед, заменик директор на Агенција за храна и ветеринарство. 


Целта на новиот е малите производители, додаде тој, легално да ги продаваат своите производи за кои ќе ги гарантираат барањата за безбедност на храната, но и ќе се заштити традиционалното производство на храна од животинско производство преку флексибилна примена на основите за производство, преработка и продажба на храна од индивидуалните земјоделски производители. Овој подзаконски акт, рече тој, не претставува основа за креирање на ,,нефер конкуренција,, на големите бизниси со храна.
Сашко Арсов, раководител на Секторот за ветеринарно јавно здравство, детално го образложи предлог текстот на новиот правилник, истакнувајќи дека истиот предвидува и новини кои досега не беа дефинирани со постоечките подзаконски акти кои се однесуваат на директното снабдување и на традиционалното производство.
-Новини се предвидени во делот на производството на сурово млеко кое со овој подзаконски акт примарниот производител ќе може да го стави во промет преку продажба во млекомати. Во делот кој го регулира колењето на животни на фармите исто така има новини. За оваа активност на фармите, одгледувачот на животни ќе може да користи услуга од мали мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, а регулирано ќе биде и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, кои ги исполнуваат минималните барања за безбедност на храната. Се доуредува и делот кој се однесува на производство и продажба на конзумна риба, производите од месо, медот, конзумните јајца – појасни Арсов.


Експертите велат дека кога станува збор за традиционалното производство и директното снабдување непосредно од фармите и развиените европски земји имаат направено дерогирање односно олеснување на законските услови со цел создавање фер услови за производство и продажба на производите на малите производители. Овој подзаконски акт според нив, претставува солидна основа за заштита на уникатноста, географското потекло и идното брендирање и на производите кои имаат традиционални карактеристики.
Во поглед на означувањето на производите од животинско потекло наменети за директно снабдување или при вршење на локализирана активност во рамки на дефинираните плански региони, како што беше истакнато на презентацијата, истите нема да се означуваат согласно одредбите од Правилникот за информации поврзани со храната. Производителот ќе има обврска на ваквите производи да стави основно означување за потеклото, производителот, рокот и начинот на чување, со цел да се воспостави лесна следливост на производите.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави