Search

Неизвесно вклучувањето на западниот Балкан во Конференцијата за иднината на Европа

Потпретседателката на Европската Комисија задолжена за демократија и демографија, Дубравка Шуица, денеска објави дека големата Конференција за иднината на Европа ќе започне на 9 мај годинава и ќе трае две години. За тие две години Европската Комисија сака граѓаните и организациите ширум Европа да се вклучат во оваа широка дебата чија цел е да се обликува иднината на Европската Унија и на континентот.

Институциите, работодавците, синдикатите, граѓанските организации, националните парламенти, локалните власти, сите се добредојдени да го дадат својот придонес за време на оваа Конференција и Европската Комисија се заложува дека ќе ги земе предвид ставовите што ќе ги добие за да ги интегрира во идните политики.

Запрашана дали проектот ќе ги вклучи земјите од западниот Балкан, Шуица не беше во можност да одговори.

-Во овој момент не сум сигурна дека Конференцијата ќе биде проширена за граѓаните од земјите аспиранти, на ниво на тие земји, но ако не бидат вклучени, ќе има друг формат во кој сум сигурна дека ќе бидат вклучени, изјави Дубравка Шуица.

За сега исто така не е извесно дали проширувањето ќе се најде во приоритетните точки на оваа Конференција.

-Проширувањето секако би требало да биде точка на дневен ред под портфолиото “Силна Европа во светот, знаете која е позицијата на Европската Комисија, знаете каква е ситуацијата со Северна Македонија и Албанија, ставот на ЕК е позитивен, изјави потпретседателката на Европската Комисија.

Конференцијата за иднината на Европа ќе започна на деветти мај, денот на Европа.

Европската Комисија предлага дебатите да се одвиваат двоструко: првиот столб да бидат приоритетите кон кои се стреми ЕУ, тоа ја вклучува борбата против климатските промени, социјалната правичност и еднаквост, дигиталната трансформација на ЕУ, промоција на европските вредности и зајакнување на гласот на ЕУ во светот. Другиот столб ЕК сака да биде справувањето со теми специфично поврзани за демократските и институционалните прашања, како на пример создавањето транснационални парламентарни листи за европските избори.

-Мораме да го зграпчиме моментот на високата излезност на последните европски избори и да повикаме на дејствување. Конференцијата за иднината на Европа е уникатна прилика да се размисли со граѓаните, да се сослушаат, да им се одговори и да им се објасни, ќе ја зајакнеме довербата помеѓу ЕУ институциите и луѓето на кои им служиме, ова е шанса да им покажеме на луѓето дека нивниот глас тежи во Европа, изјави Шуица.

Треба да знаете
Последни објави