Search

Неделковски: ФФМ нема добиено ниту денар, исто како и пливачката федерација и уште неколку други помали федерации, Иџе и други заслужни спортисти

Интегрален текст од прес конференција на Влатко Неделковски од ВМРО-ДПМНЕ

„Помина 30 месеци од владеењето на Дарко Каевски во АМС.

Сакаме да ја информираме јавноста за начинот на работа на АМС и нејзиниот директор иако во јавноста има дилема кој е навистина директор на АМС. Дали е тоа навистина Дарко Каевски или можеби е вечниот Томислав Андоновски или пак сепак директор е Даниел Димевски советник за спорт на премиерот Зоран Заев, или пак тројцата истовремено. Како и да е, сепак останува фактот дека АМС функционира како расштиман оркестар, институција распната помеѓу личните визии, интереси и внатрешните судири на посочената тројка како и политичките пазарења на партиите на власт и поделбата на федерациите на подобни и неподобни.

Јавноста мора да знае дека поради неодговорното работење на директорот на АМС, првиот дел на ваучерот од 6 милиони евра доделен од нивна страна на федерациите и спортските клубови е невалиден и може да предизвика сериозни правни последици, имено:

Измените на законот за спорт излегуваат во службен весник на 20-ти мај оваа година. Во нив стои дека Федерациите треба во рок од 30 дена да достават список на клубови и спортисти кои ги исполнуваат критериумите за добивање на ваучер.

Исто така стои и дека АМС е должна да донесе правилник за критериумите за добивање на ваучер во рок од 15 дена од стапување на законот во сила.

АМС тоа го прави и го носи правилникот на 28 мај, а истиот стапува во сила на 13 јуни во Службен Весник што е исто така во ред и според законот.

Она што не е во ред и е огромен проблем е тоа што АМС ги доделила ваучерите на Националните спортски федерации на 29 мај, а на клубовите на 5-ти јуни кога критериумите се уште не се објавени во Службен Весник и не се стапени на сила. Со тоа првата транша на ваучерите е ништовна и неважечка.

Кој ќе одговара за ова?

Знае ли Дарко Каевски што направил и во каква ситуација ги донесе федерациите и клубовите?

Што доколку во некоја судска постапка федерациите и клубовите треба да ги вратат добиените средства?

За ваква неодговорност се поднесува оставка.

За изигрување на законот се сноси и кривична одговорност.

На почетокот на овој месец се доделија и дополнителните 4 милиони евра под огромен притисок на јавноста и спортските субјекти кои беа оставени речиси цела година без основ за финансирање поради неработењето на Агенцијата и на одговорните за спорт во Македонија овој пат од страна на комисија во чиј состав е и Даниел Димевски. И додека новоформираната комисија за спорт на СДСМ предводена од Наумче Мојсоски прави анализи за потребите на спортот во Македонија и се залага за: политиката подалеку од спортот, а Дарко Кaевски се шета по Америка, Даниел Димевски неофицијално ги обедини сите можни функции во спортот, останува уште да го заземе претседателското место во МОК.

И по распределбата на дополнителниот ваучер одредени федерации не добија ниту денар.

Во 2019 год ФФМ нема добиено ниту денар, исто како и пливачката федерација и уште неколку други помали федерации, Иџе и други заслужни спортисти.

По кој критериум се изоставени овие федерации и спортисти?

Но тоа не го спречува директорот на АМС да  продолжи со самоволието, во делот на поделбата на средствата од буџетот.

АМС веќе подолго време не може или не сака да стави ред во пливањето. Спорт кој е од особено значење за државата и огромен број на млади спортисти. Заради тоа ниту еден пливач нема добиено стипендија од проектот МЛАДИ СПОРТСКИ НАДЕЖИ.

Од документите што ќе ги презентирам се гледа дека всушност и нема 2 федерации, туку има само една пливачка федерација онаа на Александар Филипчев. ЦРМ е јасен во своето тврдење за тоа.

Ова е и причината зошто ниедна федерација нема добиено ниту денар   од АМС. Но според сајтот openfinance.gov.mk во периодот 4-ти декември минатата година до 4-ти декември оваа година, ГПС има добиено 6.148.000 денари или 100.000 евра. Ја прашуваме АМС по кој основ исплатила средства на Градски сојуз кога надлежноста за тоа според законот за спорт ја има локалната самоуправа согласно член 22-а од законот и зошто стимулира дополнително разединување на субјектите во спортот. Кој го довел во заблуда советот на АМС дека се исплаќаат средства на федерација при распределбата и чија ќе биде кривичната одговорност.

Според истиот сајт АМС во 2018 му исплатила 4.000.000 на МОК за медитеранските игри во Тарагона, иако нема решение за вршење на дејност спорт, па според тоа и нема право на користење на истите.

За тоа сведочи и преписката помеѓу АМС и МОК.

Прашуваме дали МОК го испочитувал рокот од 90 дена да се прилагоди на законот и ако не, дали ги вратил средствата на АМС онака како што се обврзал. Ако средствата не се вратени, прашуваме, кој ќе ја сноси одговорноста во овој случај?

Потсетуваме дека одговорноста за овие дејствија е кривична според член 353 од КЗК.

Треба да знаете
Последни објави