Search

Негативни реакции на островите за одлуката на грчката Влада за изградба на затворени центри

Одлуките што ги донесовме се за затворање на постоечките центри и да не се отвори нов, а локалното население ќе реагира, а ние ќе го направиме она што треба, изјави Костас Муѕурис, префектот на островите од северниот дел на Егејско Море, по вчерашните најави и конкретни одлуки од грчката Влада за итна изградба на затворените центри на Лезбос, Хиос, Самос, Лерос и Кос, јави дописничката на МИА од Атина.

Муѕурис истакна дека владината одлука, за нив е изненадување.

– Одлуките што ги донесовме не говорат за никаков нов центар и за затворање на постоечките. Ова е спротивно на одлуките што ги донесовме. Општеството ќе реагира. Ја почитуваме волјата на локалното население и како инженер научив дека кога локалното општество не сака еден проект, нема да се спроведе. Со претпазливост, без да се залажуваме, во рамките на законитоста, ќе го направиме она што треба, посочи Муѕурис.

На островите вклучени во владината одлука за изградба на затворени контролирани центри за мигранти, доцна синоќа се одржаа вонредни општински совети и беше негативно оценето соопштението од владата.

Во општина западен Лезбос, членовите на општинскиот совет одлучија да поднесат жалба до Уставниот суд на Грција.

Заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада, Стелиос Пецас вчера соопшти дека се забрзува постапката за изградба на затворени контролирани центри на островите погодени од бегалските и мигрантските бранови и одредени се конкретни локации за изградба.

– Одлука на Владата е да се затворат денешните анархични центри и да се изградат нови контролирани затворени центри, соопшти Пецас и објасни дека Министерството за миграција и азил на Грција, со одлука на Владата, „поради јавниот интерес, е овластено да издаде наредби за искористување на неопходните недвижнини и земјишта за управување со кризи, за справување со исклучиво итната потреба за да се избегне загрозување на јавниот ред и здравје”

Новите објекти, ќе бидат за конкретна намена и со конкретна функција, односно како што вели портпаролот на грчката влада, „контролирани затворени центри, значи дефинирани и строги правила на внатрешен поредок што се однесуваат и на функционирањето и на движењето на оние кои ќе бидат сместени”.

Треба да знаете
Последни објави