Search

Небанкарските финансиски друштва потпишаа Кодекс за добра пракса за да обезбедат повисоко ниво на заштита на потрошувачите  

Со цел да работат заедно во обезбедување унифицирани стандарди за квалитет на индустријата и да изградат конструктивен дијалог со законодавците и надзорните органи, небанкарските финансиски друштва на Северна Македонија формираа Асоцијација на финансиски друштва која обединува 7 финансиски друштва. Мисијата на Асоцијацијата е да промовира сигурни, општествено одговорни и одржливи практики на кредитирање. Во исто време, таа ќе работи на промовирање на можностите што ги даваат небанкарските финансиски технолошки решенија, кои ќе бидат од корист на поединците и општеството во целина.

„Секторот на небанкарски финансиски услуги се развива брзо во целиот свет, нудејќи им на потрошувачите едноставни и практични финансиски услуги. Асоцијацијата ќе им даде можност на компаниите да работат заедно на воведување стандарди за квалитет на услугите, како и за дизајнирање среднорочна стратегија за развој на индустријата заедно со надзорните органи и законодавецот“, вели Филип Димитровски, раководител на Асоцијацијата на финансиски друштва.

Членките на Асоцијацијата потпишаа и Кодес за добра пракса со кој се обезбедуваат дополнителни мерки за заштита на потрошувачите. Кодексот ќе биде објавен на веб-страниците на членките на Асоцијацијата, така што секој должник ќе може да провери дали одреден давател се придржува до етичките и одговорни деловни практики утврдени со овој Кодекс.

Дополнително е изработена ознака „Одговорен кредитор“ која ќе овозможи препознавање на оние даватели на услуги кои се приклучиле на Асоцијацијата и се обврзани да работат во согласност со принципите утврдени со Кодексот за добра пракса.

„Небанкарските заеми како и многу други финансиски производи управувани од технологијата се нови за потрошувачите. И бидејќи самата индустрија е во почетна фаза на развој, од суштинско значење е веднаш да се договорат за одговорна деловна практика која ќе обезбеди заштита на потрошувачот и истовремено ќе дозволи развој на индустријата. Покрај тоа, уште една суштинска задача на Асоцијацијата ќе биде да иницира комуникација со законодавците и надзорните органи за креирање стратегија за развој на индустријата”, објаснува Димитровски.

Кодексот за добра пракса има за цел да обезбеди повисоко ниво на заштита и јасни правила на соработка со клиентите кои добиле заем или планираат да земат одреден заем од членка на Асоцијацијата. Кодексот се занимава со прашања како што се проценка на солвентност на клиентите, етички маркетинг, брза и практична процедура за ревизија на жалби и наплата на долгот. Со цел да се обезбеди спроведување на нормите утврдени во него, членките на Асоцијацијата ќе обезбедат обука на персоналот. Од Асоцијацијата ги поттикнуваат и останатите небанкарски финансиски институции да се приклучат и да работат заедно на добро избалансиран развој на индустријата.

„Асоцијацијата ја сметаме за регулаторна иницијатива за одржлив развој, имплементација на иновации, како и поттик за подобрување на целокупната транспарентност, не само за небанкарските финансиски друштва, туку и за целата финансиска индустрија, вклучувајќи ги и традиционалните финансиски институции во Северна Македонија, додава Димитровски.

 

 

Треба да знаете
Последни објави