Search

На 23 јули ќе се знае името на новиот премиер на Велика Британија

Името на новиот премиер на Велика Британија ќе биде објавено на 23 јули, соопшти денеска Конзервативната партија.

Околу 160.000 членови на Конзервативната партија по пошта ќе се изјаснуваат за тоа кој ќе ја наследи Тереза Меј на позицијата претседател на партијата и на британската Влада. Изборот е мешу Борис Џонсон и Џереми Хант.

Гласањето завршува на 22 јули, а следниот ден ќе биде соопштено името на победникот.

Борис Џонсон беше речиси сигурен нов премиер, но минатата недела се случи голема кавга со партнерката Кери Симондс, па фаворитот за нов лидер мора да одговара на прашањата за својот карактер. Полицијата го испитуваше Џонсон за кавгата со Симондс, кога доцна навечер се слушал звук од кршење чинии и врескање, по што сосед повикал полиција. Пред овој инцидент, Џонсон во британската јавност уживаше предност пред Хант од осум отсто, па тој уживаше дури 36 отсто популарност кај гласачите на ториевците, а Хант имаше 28 проценти доверба. Но кавгата со партнерката, која во дел од британските медиуми беше протолкувана како семејно насилство, ја намали таа разлика, па сега Џонсон го поддржуваат 29 проценти, а Хант забележа зголемување од четири поени и сега има поддршка на 32 отсто од гласачите од Конзервативната партија. Според „Дејли телеграф”, весник близок до поранешниот градоначалник на Лондон – Џонсон, тој се уште има голема предност пред Хант.

Во последниот круг од гласањето меѓу пратениците од Конзервативната партија Џонсон освои 160 гласови, а Хант придоби 77 партиски колеги. Но, влијателни членови на партијата посочуваат дека новиот премиер, речиси сигурно ќе мора неколку недели после партиските избори да распише вонредни парламентарни избори. Тие нагласуваат дека конзервативното мнозинство во Парламентот е слабо, со само пет-шест пратеници и дека има и такви кои би ја напуштиле партијата бидејќи се против едниот и другиот кандидат. Исто така, има и двајца пратеници кои во петиот круг од гласањето намерно направиле навежечки ливчиња. Сето тоа укажува на можност новиот кандидат за премиер да не ја добие довербата на Парламентот. Но пред гласањето доверба во Парламентот, Хант и Џонсон ќе мора да минат на многу собири на членовите на партијата на кои ќе ги изнесуваат своите ставови за иднината на земјата. Предвидени се и повеќе телевизиски соочувања, а главна тема ќе биде Брегзит – до кој мора да дојде до 31 октомври оваа година. Во тој поглед, Џонсон отворено одговара дека ќе ја изведе земјата од ЕУ без разлика на тоа дали ќе биде постигнат договор со Брисел или не.

Политичката кариера на Џонсон трае веќе 22 години, од кои седум беше пратеник во парламентот, осум градоначалник на Лондон, по што повторно се врати четири години во парламентот. Во мај 2016 година Тереза Меј го именуваше за министер за надворешни работи и таа функција ја извршуваше две години. Британските медиуми му зебележуваат дека додека бил шеф на дипломатијата речиси и да нема странски лидер кон кој не упатил некаква навреда. Пред една година, поради отворено резидување со Меј за начинот на излегување од ЕУ, Џондосн поднесе оставка и се посвети на лобирање за излегување од ЕУ без разлика дали ќе биде постигнат задоволувачки договор со Брисел.

Од друга страна, Џереми Хант беше еден од оние кои на почетокот се противеше на Брегзит, а потоа донекаде го смени мислењето, како што вели поради ароганцијата на ЕУ. Сепак, тој во британските медиуми често е опишуван како „Тереза во пантолони” и најави дека како премиер ќе се обиде преку преговори да договор „нов и кредибилен план за излегување” од ЕУ. Тој беше министер за здравство, и тоа најдолго во историјата, а ја извршуваше и функцијата министер за култура. Хант беше надлежен за организацијата и одржувањето на Олимписките игри во Лондон. Неговата политичка кариера започна пред 14 години, а пред тоа бил професор по англиски во Јапонија и претприемач. Тереза Меј го постави за министер за надворешни работи, функција која и сега ја извршува.

Треба да знаете
Последни објави