Search

На повидок дипломатска војна меѓу Израел и Полска

Полски официјални претставници би можеле да го откажат планираното патување во Израел поради изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за вмешаност на Полска во Холокаустот.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки одлучи вчера да го откаже патувањето во Израел и да го замени министерот за надворешни работи Јацек Чапутович. Меѓутоа, сега би можела да биде откажана посетата на целата делегација поради продлабочување на дипломатскиот спор.

Шефот на кабинет на полскиот премиер, Михаил Дворчик реагираше на најновата изјава на шефот на израелската дипломатија Јизраел Кац, кој истакна дека е за зачувување на односите со Полска, но дека „историската вистина не може да се промени”.

– Многу Полјаци соработувале со нацистите и учествувале во уништување на Евреите за време на Холокаустот. Антисемитизмот бил вроден меѓу Полјаците пред, во текот и по Холокаустот, истакна Кац.

Дворчик таквата изјава ја нарече „срамна”, нагласувајќи дека „по ваквите искажани зборови, секое учество на полски претставници на Самитот V4 во Израел се доведува во прашање”.

Самитот V4 е планиран како собир на лидерите на Словачка, Чешка, Полска и Унгарија.

Треба да знаете
Последни објави