Search

На Макрон не му одговори Меркел, туку Крамп-Каренбауер

Од Германија вчера стигна одговор на идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за „европска ренесанса”, но не од канцеларката Ангела Меркел, туку од лидерката на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) Анегрет Крамп-Каренбауер.

Крамп-Каренбауер, која во декември дојде на местото на Меркел и се смета за нејзина можна наследничка на функцијата канцеларка, на плановите на Макрон за Европа одговори со сопствен концепт за ЕУ.

– Нашата Европа мора да биде посилна, наведе таа во авторски текст за “Велт ам зонтаг” под наслов „Да се направи Европа вистинска”, додавајќи дека прво треба да се обезбедат основи за благосостојба во Европа.

При тоа, додава таа, “европскиот централизам, европскиот етатизам, колективизацијата на долговите, европеизација на социјалните системи и минимална плата, би биле погрешен начин”.

Крамп-Каренбауер исто така предлага создавање заеднички европски банкарски пазар.

Во исто време повика на формирање заеднички ЕУ буџет за иновации кој би требало да финансира нови технологии.

Таа, како и Макрон, повика на реформа на миграциската политика, но истакна дека проблемот со миграцијата би требало да се решава во неговиот извор.

Според неа, важно е да се заштитат надворешните граници на Европа и рамномерно да се  распореди товарот од прием на баратели на азил.

Таа се залага за реформа на миграциската политика на ЕУ, но ја отфрли идејата на Макрон за минимална европска плата во ЕУ и изрази вимателност за неговиот предлог за колективни долгови.

Во врска со надворешната и безбедносната политика, Крамп-Каренбауер е за тоа ЕУ да биде претставена со „заедничко постојано место во Советот за безбедност на ОН”.

Таа смета и дека ЕУ треба во иднина да ја координира надворешнополитичката и безбедносната позиција со Велика Британија.

Крамп-Каренбауер предлага и Европскиот парламент во иднина да ја користи само зградата во Брисел, и платите на службениците во ЕУ најпосле да се оданочуваат.

Треба да знаете
Последни објави