Search

На крузерот во карантин 39 нови случаи на вирусот

Јапонското Министерство за здравство соопшти дека потврдило 39 нови случаи на коронавирусот на бродот кој се наоѓа во карантин во јапонското пристаниште Јокохама, со што вкупниот број заразени се искачи на 174.

Министерството исто така соопшти дека вирусот, кој вчера го доби името Ковид-19, е потврден и кај службеник кој бил вклучен во првичните карантински контроли, ноќта кога бродот „Дајамонд принцез“ се вратил во пристаништето Јокохама во близина на Токио на 3 февруари.

Службеникот се лекува во болница, пренесува „АП“.

Бројот на заразени со смртоносниот вирус во Јапонија сега е 203 лица.

Јапонските здравствени службеници почнуваат лекарски прегледи на 3.700 лица на бродот кој се врати во Јапонија по 14-дневно крстарење, а беше сопрен во Хонг Конг и неколку други азиски пристаништа, откако 80-годишен патник кој се симнал од бродот во Хонг Конг бил позитивен на вирусот.

Хонг Конг мораше да го извести бродот и јапонските власти, кои потоа наредија карантин и тестирање.

Загриженоста за вирусот пренасочи и откажа други крстарења. Крузерот „Вестердам“ со 2.257 патници и членови на екипажот сега се наоѓа во Тајландскиот Залив и нема каде да се закотви откако му беше одбиен влез во Јапонија, Тајван, Филипините и Тајланд.

Нема потврдени случаи на вирус на бродот, но тој беше во Хонг Конг пред помалку од две недели, што е во периодот на инкубација на вирусот.

Ковид-19 е коронавирус кој се појави во Кина минатиот декември.

Во Кина, 1.113 луѓе починаа од вирусот, а 44.653 се заразени.

Треба да знаете
Последни објави