Search

 На Еврос нема никаква поразлична раздвиженост

Не е потврдена никаква поразлична раздвиженост, споредено со она на што сме навикнати да го гледаме во сите претходни денови, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на информациите објавени во медиумите дека на грчко- турската граница кај Еврос постои раздвиженост од страна на Турција, слична на онаа од почетокот на март со голем број мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

За барањата за доделување дозвола за државна нафтена компанија да врши истражувања во делови на грчкиот континентален гребен, објавени во Службен весник на Турција, за што Атина во понеделникот реагираше со демарш до Анкара, Пецас рече дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вчера испратил писма до претседателот на Европскиот совет Шар Мишел и до претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен.

-Јасно е дека можната ескалација од страна на Турција нема да доведе до грчко- турска криза, туку до криза во целокупните односи на Европската унија со Турција, истакна портпаролот на грчката Влада.

Одговарајќи на новинарско прашање, Пецас рече дека не постои никаков планиран контакт или средба меѓу грчкиот премиер и турскиот претседател.

-Она што секогаш го правиме е дури и во период на криза да се обидуваме да имаме отворени канали на комуникација. Но, во овој момент не постои закажана средба или некаква закажана комуникација меѓу двајцата лидери, рече Пецас.

Треба да знаете
Последни објави