Search

На гробот на Маркс осамна графит со натпис „архитект на геноцид“

Гробот на Карл Маркс, кој се наоѓа на лондонските гробишта Хајгејт, повторно е вандализиран, втор пат во помалку од две недели, пишува британски „Гардијан“.

Непознат сторител со црвена боја на надгробната плоча испишал пароли „доктрина на омраза“ и „архитект на геноцид“, а полицијата за ова била информирана во саботата наутро. Нападот на споменикот доаѓа по помалку од две недели откако некој со тап метален предмет ја оштетил мермерна плоча, дел од споменикот на кој се испишани имињата на оние кои почиваат тука.

„Целта е името на Карл Маркс, ова не е обичен вандализам, туку насочен напад кон ликот и делото на Карл Маркс“, изјави по првиот вандалски чин, Јан Дангвел, шеф на фондацијата The Friends of Highgate Cemetery, која ги одржува гробиштата.

31-годишниот Максвел Блоуфилд во саботата наутро со својата мајка бил во посета на гробиштата и изјавил дека е прилично шокиран од нападот.

„Не сакам да шпекулирам кој или зошто го направил тоа, но очигледно станува збор за некој со многу критичен однос кон Маркс и тој историски период. Јас само се чудам што некој во 2019 година чувствува потреба да направи вакво нешто“, додал Блоуфилд.

Од гробиштата Хајгејт, преку Твитер, порачале дека станува збор за глупав и бесмислен вандализам.

„Што и да мислите за делото на Маркс, ова не е начин да се покаже тоа“, напишале од гробиштата Хајгејт.

Лондонската полиција соопшти дека засега никој не е уапсен за овој чин, исто како и за оној од пред две недели.

Треба да знаете
Последни објави