Search

На авио-компаниите им се потребни уште 80 милијарди долари помош

На авиокомпаниите во светот ќе им бидат потребни уште 70-80 милијарди долари за да ја преживеат кризата со коронавирусот, што е половина од сумата што веќе ја добија од националните влади, предупреди Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт ( IATA).

-Ние сме исклучително благодарни на владите за инјектирањето на 160 милијарди долари во секторот. Потребите на оваа индустрија за следните месеци се проценуваат на 70-80 милијарди долари дополнителна помош. Во спротивно, некои авиокомпании нема да преживеат, изјави генералниот директор на ИАТА, Александар Де Жинијак, на Парискиот воздухопловен форум, што е организиран од весникот „Ла Трибун”.

Првите луѓе на авио-компаниите сметаат дека иако развојот на вакцините против Ковид-19 инспирира надеж, сепак, враќањето кон масовните патувања не се очекува уште многу месеци, пренесуваат британските медиуми.

Се очекува во текот на зимската сезона на летање проблемите да се зголемат, кога профитот на овој сектор и онака е „послаб”, па дури и кога станува збор за нормални околности, бидејќи повторниот раст на бројот на заразени и ограничувањата за патувања дополнително ги намалуваат финансиските изгледи на авиокомпаниите, што според проценките на ИАТА годинава ќе бидат со загуби од 87 милијарди долари.

-Многу е веројатно да забележиме поголеми загуби од бројката што ја објавивме, рече Де Жинијак, додавајќи дека загубата во текот на целата година може да се приближи до 100 милијарди долари.

ИАТА предвидува болно и бавно закрепнување на воздухопловниот сообраќај и очекува дури во 2024 година да ги достигне нивоата од пред кризата, со дополнителни 30 проценти пад на бројот на патници следната година.

-Дури и тоа би можело да се покаже како многу оптимистичка прогноза. Ние проценуваме дека воздушниот сообраќај на крајот на 2020 година ќе биде на 33 проценти од нивото во 2019 година, а потоа, се надевам, на 50-60 проценти до крајот на 2021 година. изјави Де Жинијак.

Треба да знаете
Последни објави