Search

Најмалку 189 загинати и над 560 ранети во серија експлозии на Шри Ланка

Најмалку 189 лица загинаа, а над 560 други се ранети денеска, на католички Велигден, при осум експлозии на Шри Ланка, соопштија властите во Коломбо.

Меѓу загинатите има и 12 странци, од кои шестмина се бугарски државјани.

Според полициски извори, речиси исто времено експлозии одекнале за време на велигденската миса во католичката црква „Свети Ентони” и во три хотели со пет ѕвезди,  „Синамон Гранд”, „Кингбари” и „Шанги-Ла”, во главниот град на Шри Ланка, Коломбо.

Покрај овие, експлозии имало и во католичката црква „Свети Себастијан” во местото Негомбо, на 30 километри од Коломбо, како и во христијански храм во Батикалоа, на 250 километри источно од главниот град на земјата.

Анонимни безбедносни извори информираа дека најмалку две од експлозиите биле предизвикани од бомбаши самоубијци.

Според болнички извори, при нападот во Негомбо загинале најмалку 105 лица, во Коломбо 46, а во Батикалоа 24.

Неколку часа подоцна во Деивала, град на 12 километри јужно од Коломбо, одекнаа уште две експлозии, при што загинаа најмалку две лица.

Засега никој не презеде одговорност за експлозиите.

Властите засега одбиваат експлозиите да ги наречат терористички напад.

Поради експлозиите премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге свика итна седница на неговата Влада, која прогласи полициски час на целата територии на земјата, што стапува во сила веднаш.

Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена соопшти дека армијата и полицијата започнале истрага за откривање на одговорните за инцидентот.

Се обидуваме да утврдиме дали има заговор зад овие напади, изјави Сирисена, повикувајќи ги жителите на Шри Ланка да останат смирени.

Првиот човек на Католичката црква во Шри Ланка, кардиналот Малколм Ранџит изјави дека засега е нејасно дали за експлозиите е одговорна некоја локална или меѓународна група.

Мнозинството од жителите на Шри Ланка се будисти, но околу седум проценти од населението на островот се католици.

Ова е прв сериозен бомбашки напад во Шри Ланка од завршувањето на 25-годишниот конфликт меѓу властите во Коломбо и сепаратистичката група Ослободителни тигри на тамилскиот Елам (ЛТТЕ) во 2009 година. 

Треба да знаете
Последни објави