Search

Национален натпревар на ученички компании

Национален натпревар на ученички компании ќе се одржува денеска од 10 до 17 часот во трговскиот центар „Веро џамбо” во организација на „Џуниор ачивмент Македонија”. На еднодневниот настан ќе учествуваат средношколци кои пред жири и публика ќе ги претстават производите и услугите што ги развивале во својата ученичка компанија.

На натпреварот ќе учествуваат 20 ученички компании од 15 средни училишта од 11 градови од земјава. Ќе се натпреваруват сто средношколци со поддршка на 25 наставници од Скопје, Битола, Кавадарци, Кочани, Берово, Гевгелија, Куманово, Струга, Охрид, Прилеп и Ресен.

Учениците предводени од одговорниот наставник ќе презентираат што сработиле во текот на учебната година. Брендирани со свој штанд, име и лого на компанијата, секоја ученичка компанија ќе се обиде да го импресионира жирито со својата бизнис-идеја и да се натпреварува за наградниот фонд обезбеден од организаторот.

Најавени се обраќања на министрите за образование и наука и за економија, Арбер Адеми и Крешник Бектеши, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски, Едвард Гонзалез, директор на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Република Северна Македонија и Љупка Панчевска, извршен директор на „Џуниор ачивмент Македонија” – член на светската мрежа „Junior Achievement Worldwide” основана во 1919 година.

Треба да знаете
Последни објави