Search

Натпревар во роботика за средношколци на ФЕИТ

На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) денеска почна Третиот натпревар во роботика и електроника ROBOMAC Junior 2022 наменет за средношколци, кој ќе трае до 2 декември.

Организатор на натпреварот е ФЕИТ во соработка со Лабораторијата за производство ФЕИТ-ФабЛаб и студентскиот огранок на IEEE. Учествуваат 54 ученици од четврта година од 28 средни училишта во земјава, поделени во две категории: ROBOMAC Junior – Автономна мобилна роботика и ROBOMAC Junior – Паметна електроника за автономни возила.

Весна Ојлеска-Латкоска од ФЕИТ изјави дека покрај натпреварувачките активности, учесниците ќе имаат можност да следат и неколку предавања со популарни теми од роботиката, вештачката интелигенција и електрониката што ќе ги одржат  професори и експерти во областа.

-Натпреварувачкиот дел, пак, е осмислен во две категории и соодветно според областа во која се натпреваруваат кај средношколците се зголеми и интересот за роботика, автоматика и вештачка интелигенција, односно за паметните електронски системи кои се основа на системите со вештачка интелигенција, изјави Ојлеска-Латкоска.

Организаторите на натпреварот појаснија  дека средношколците ќе имаат можност преку работа со вистински роботи да се запознаат со сите клучни аспекти на еден роботски систем, почнувајќи од неговиот хардвер, можноста за негово програмирање преку соодветен софтвер и во него да се внесе одредено ниво на интелигенција.

Организатор на првата натпреварувачка категорија е Институтот за автоматика и системско инженерство при ФЕИТ, а учесниците ќе се натпреваруваат во програмирање, управување и паметна навигација на мобилни Arduino роботи, со цел роботите самостојно и најбрзо да решат зададени задачи (избегнување препреки, следење патека, паметно паркирање и сл.).

Институтот за електроника, кој е организатор на втората натпреварувачка категорија, за учесниците ќе обезбеди можност практично да работат со вградливи компјутерски системи, електронски сензори, електрични мотори и драјвери за нив, како и софтвер, да развиваат и имплементираат свои алгоритми за интелигентно водење.

Учесниците во оваа категорија ќе се натпреваруваат во развој на алгоритам за извршување специфична задача и негово имплементирање во соодветен програмски јазик за вградлива Arduino платформа.

Сите учесници и ментори ќе добијат благодарници за учество, а на најдобрите ќе им бидат доделени медали.

Треба да знаете
Последни објави