Search

НАТО: Приемот на Северна Македонија покажува дека мултилатерализмот треба да се зајакне

Северна Македонија денеска учествуваше на својот прв министерски состанок како полноправно членка на НАТО Алијансата, министерски кој се одржа преку безбедна видео врска помеѓу триесетте министри за надворешни работи на НАТО и генералниот секретар, Јенс Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.

Столтенберг уште еднаш го поздрави зачленувањето на Северна Македонија, и тоа во време на криза, и истакна дека тоа преставува важен сигнал и за регионот и за Алијансата.

– Ова покажува дека во неизвесни времиња мораме да ги зајакнеме мултилатералните институции, глобалните предизвици бараат глобални одговори, и кризата со ковид-19 тоа јасно го покажа, изјави шефот на Алијансата.

Meeting of the North Atlantic Council in Foreign Ministers’ session via tele-conference with opening remarks by NATO Secretary General Jens Stoltenberg

Главна тема на разговорите очекувано беше здравствената криза со коронавирусот ширум светот, за која се мобилизираат и воените капацитети на земјите членки на НАТО, за координација на напорите, транспорт на пациенти, и обезбедување медицинска опрема за прва помош.

– Воениот персонал им помага на сојузниците со медицински транспорт, евакуација, транспорт на пациенти, објасни Столтенберг.

Напорите се координираат преку координативниот центар на Алијансата, а повеќе земји веќе на дело ја покажале соработка, преку мобилизирање на воздухопловните капацитети за транспорт, меѓу другото.

Врховниот командант на НАТО, генералот Волтерс, има задача да ја следи состојбата и да ги идентификува потребите во земјите, да обезбеди дека медицинските опреми се испорачуваат и да помогне во спојување на земјите кои имаат одредени потреби со оние земји кои ги имаат на располагање.

Јасно е дека не сите земји кои се погодени се наоѓаат во истата фаза на кризата, ниту имаат исти потреби, ниту пак пикот на пандемијата ќе го дочекаат во исто време, поради што е многу важно да се координираат постојано напорите за да се олесни превозот на пациенти и испорачување на материјалите.

Кон средината на април ќе се одржи нов министерски состанок, овој пат на министрите за одбрана на НАТО за да се ревидира поддршката ако е тоа потребно и да се почне со проценка на долгорочните импликации на оваа глобална здравствена криза, порача генералниот секретар.

НАТО сојузниците разговарале и за другите безбедносни предизвици со кои се соочуваат како Русија, Авганистан, Ирак, и борбата против тероризмот.

Шефот на Алијансата тврди дека НАТО продолжува да работи со полн капацитет на сите овие полиња и покрај кризата.

Треба да знаете
Последни објави