Search

Народна банка очекува натамошно зголемување на активноста во економијата

Последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, но и натаму се присутни неизвесноста и ризиците од надворешното окружување, како и  од домашниот контекст, оценил на седница Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.

Според објавените проценети податоци за БДП, економската активност растеше и во третиот квартал од годината. Реалната стапка на годишен раст изнесува 3,6 проценти, а остварувањата засега се во рамки на очекувањата. Во однос на факторите на раст на економијата, укажува Народната банка, позитивен придонес има домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес.

Растот на економијата во првите три квартали од годината изнесува 3,6 проценти и како што наведува централната банка, е во согласност со проекциите за овој период од годината.  Расположливите високофреквентни показатели за октомври се ограничени и не се доволни за донесување попрецизни заклучоци за четвртиот квартал, но засега сигналите упатуваат на понатамошно зголемување на активноста во економијата, соопшти Народната банка.

На седницата е одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 2,25 проценти  и на денешната аукцијата на благајнички записи да се понудат благајнички записи во износ од 25.000 милиони денари.

Остварената просечна годишна стапка на инфлација за периодот јануари-ноември изнесува 0,8 проценти и е малку под очекуваната инфлација од еден процент за годинава. Неизвесноста околу движењата на цените на примарните производи на светските берзи, потенцира Народната банка, и натаму е главниот фактор на ризик за проекцијата на домашната инфлација за следниот период.

Остварувањата кај билансот на плаќања во третото тримесечје од 2019 година главно се во рамки на проекциите. Податоците за надворешнотрговската размена заклучно со октомври упатуваат на малку повисок трговски дефицит во однос на проектираниот, иако периодот е многу краток за донесување поконкретни заклучоци. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со првите десет дена на ноември, пак, укажуваат на можност за остварување нето-приливи од приватни трансфери, согласно со проекциите за третото тримесечје. Девизните резерви на крајот на ноември бележат раст и во однос на остварувањата заклучно со третиот квартал, и во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за ноември покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, при што досегашните движења не упатуваат на некои поголеми отстапувања од проекцијата.

Банките и натаму го насочуваат вишокот слободни денарски парични средства кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречено кредитирање на домашните субјекти и други видови инвестиции.

На девизниот пазар во ноември банките реализирале релативно висока нето-продажба на девизи за потребите на нивните клиенти. Ваквите движења, покрај од сезонските фактори, во голем дел биле одраз и на зголемената побарувачка за девизи од нерезидентите. Банките во целост ја задоволија повисоката побарувачка за девизи од страна на клиентите од вишокот девизна ликвидност со којшто располагаат. Во такви околности, за разлика од претходните месеци кога Народната банка беше присутна со откуп на вишокот девизна ликвидност на банките, во ноември таа не интервенира на овој пазарен сегмент, стои во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави