Search

Наполи со ВАР се спаси од пораз, Милан пресилен за Џенова

Головите на Фабијан Руис и Дрис Мертенс за водство од 2-0, не му беа доволни на Наполи да победи на гостувањето кај Сасуоло. По излегувањето од игра на двајцата стрелци на Наполи, домашните во финишот направија целосен пресврт и извлекоа 2-2, а дадоа и трети гол кој беше поништен по прегледување на снимка, поради фаул во напад.

По првото полувреме немаше голови, а влегувањето на Елиф Елмас на стартот на вторите 45 минути, како да го живна Наполи, и тимот од југот на Италија поведе со 2-0. Сепак, решија да го бранат водството и во финишот за малку ќе доживеаја шок, иако и со 2-2 не треба да бидат задоволни.

По победата на „Сан Сиро“ викендов против Милан, Сасуоло се покажа како тврд орев за фаворитите. Но„росонерите“ се опоравија по поразот и забележаа рутинска победа на гостувањето на „Луиџи Ферарис“ кај Џенова (0-3). За првпат против својот поранешен клуб како тренер, Андриј Шевченко не успеа да направи изненадување.

Милан рано поведе со мајсторскиот гол на Златан Ибрахимовиќ директно од слободен удар во десеттата минута. Шведскиот 40-годишен фудбалски велемајстор со овој гол, го изедначи рекордот на Силвио Пиола од 31 погодоци во Серија А постигнати од страна на играч на возраст над 38 години. Од 38-миот роденден на Ибра наваму, тој има дадено 31 гол во италијанската лига, и сигурно нема да застане на оваа бројка, туку ќе постави нов рекорд и ќе го подобрува во следниот период.

Во продолжението, Жуниор Месијас успеа да постигне два гола, во втората минута од судиското продолжение на првиот дел и во 61. за лесно славје на неговиот тим. Горан Пандев мина половина час на теренот против Милан, ама не успеа да помогне на својот тим.

По 15 рунди во калчото Наполи е лидер со 36 бода, пред Милан со 35 и Интер со 34. На четвртата позиција е Аталанта со 31 бод, па јасно е дека викендов следи драма.

Треба да знаете
Последни објави