Search

Наполи и Елмас победнички ја завршија сезонава во Серија А

Наполи со македонскиот репрезентативец Елиф Елмас кој го одигра целиот меч попладнево во Специја, триумфално (3-0) ја завршија оваа сезона во Серија А, со четвртата победа во низа и трето место на табелата.

Елмас кој го одигра 37-от меч во Серија А и сезонава во сите натпреварувања пропушти само еден поради повреда (со Емполи пред еден месец) после подолго време беше стартер, а Наполи за едно полувреме набрзина ја заврши работата за 24-от триумф во сезонава.

Матео Политано уште по четири минути игра донесе водство, Пјотр Зиелински во 25-та ја дуплираше предноста, а Диего Деме во 36-та стави печат на лесната и убедлива победа за Наполи, кој по 38-те кола на крајот освои 79 бода и завршува зад миланските гиганти Милан и Интер, кои од 18 часот ги играат своите мечеви во завршната рунда во трката за титула.

Елмас сезонава во сите натпреварувања одигра 46 меча за Наполи и има убедливо најдобар ефект откако е дојден на Апенините со седум гола и пет асистенции. Во Серија А на 37 меча има три гола и четири асистенции, а во Лига Европа даде четири гола и запиша една асистенција во осум меча.

Треба да знаете
Последни објави