Search

Нант го расплака Кил среде Германија, убедлив и Веспрем

Кире Лазаров и Дејан Манасков освоија по два вода со своите екипи, Нант, односно Веспрем и тоа убедливо, во втората рунда од ракометната Лига на шампионите. Натпреварот на вечерта го одиграа Лазаров и неговите соиграчи, шокирајќи го Кил во неговата сала.

Кире Лазаров и Нант ја прославија првата победа во камбекот во Лигата на шампионите и тоа кога, речиси, цела Европа им запиша пораз однапред. На гостувањето во Кил, францускиот тим славеше со 35-27, демонстрирајќи по кој знае кој пат дека во спортот не секогаш победуваат големите имиња.

Уште некаде на средина на првото полувреме Нант почна да функционира добро, победувајќи со 10-6, а на пауза замина со 15-12. На стартот од вториот дел Кил се обиде да.се врати, но немаше успех, па веќе по 45. минута предноста се качи на 7-8 разлика, од што немаше враќање.

Лазаров придонесе со три гола во победата, а најголем удел имаше десното крило, Валери Ривера со десет погодоци. Кај домаќините Пекелер и Сагосен имаа по четири.

За разлика од Нант и Кил, кои по две кола имаат половичен епилог, втора победа оствари Веспрем и тоа со убедливи 37-25. Жртва му беше познаникот од СЕХА-лигата, ППД Загреб, а како ќе се движи овој меч навести уште првиот дел, кој заврши со 18-12. Петар Ненадиќ ги предводеше стрелците со седум гола, а нашиот Дејан Манасков постигна три гола за едно полувреме.

Во денешниот термин од ЛШ требаше да игра и Вардар, против Елверум, во Скопје, но натпреварот беше одложен од ЕХФ на барање на Норвежаните.

Треба да знаете
Последни објави