Search

Наместо популарниот „штипинг“ на шопинг во Врање

Организиран превоз од главниот град со возила или комбиња за симболична цена може да ве однесе по Врање каде освен со нова ташна или чевли може да донесете и нешто за дома,сувомесно, кашкавал,прашок за перење и алатки за кујна и садови

Валентина Ангеловска

Со почетокот на есента и ниските температури се јавува и потребата за нова гардероба, чанти, чевли и понекоја јакна или капут. Ако за тоа до пред некој месец одевте на „Штипинг“ како што популарно беше наречен шопингот во Штип, сега има нова дестинација- Врање. За евтина гардероба, чанти и чевли веќе не треба да ги чекате попустите во продавниците во некоја европска дестинација во јануари. На само 100 километри од Скопје ви се нудат познати марки како „Геокс“, „Мона“, „Адидас“,„Најк“, „Пума“. И тоа по пристапни цени. Единствена пречка е граничниот премин, но и да го заборавите пасошот може да ја поминете со лична карта.

Ако сте подготвени, пријателките или сопругот во автомобил, и чекајте го првиот неработен ден или викенд. Ако, пак, сепак, решите да одите со автобус, побарајте ги организираните шопинг тури од нашите туристички агенции каде за 10 до 15 евра добивате повратен билет. И тоа најчесто за време на викендите. За време на неработни денови и за празници има организиран превоз од главниот град со возила или комбиња.

Во автомобил или автобус, сеедно, доживувањето е исто. По четириесетина километри од главниот град на граничниот премин кон соседна Србија ве чека вистинско изненадување. Границата на јужниот сосед ви се гледа како шега во споредба со гужвите овде. Најмалку четири ленти и педесетина возила во една. И тоа не само на скопски возила. Шопингот во Врање станал навика на скоро сите дами низ државава. По чекање од еден час во просек и обавезно „тресење“ и проверка на цел автомобил да се уверат дека не одите да продадете нешто во Србија, стигнувате до посакуваната дестинација.

Паркингот е лотарија

Ако мислите дека чекањето на граница е проблем, сте се излажале. Со една катна гаража и неколку паркинзи во градот, да се паркирате е вистинска лотарија. Возачот чека на влезот од паркиралиштата да излезе некој автомобил, а патниците од локалните менувачници купуваат картички за паркинг. Една картичка за еден час. Доволни се четири. Ако во првиот час најдете паркинг, проблемот е решен. Пијте кафе, земете воздух и во поход. Во кафетериите веќе ви ги даваат првите инструкции што и каде може да се купи. Врањанската пошта е „скопски Рекорд“. Се почнува и завршува со неа. Се гледа од секаде и нема проблем со ориентација.

„За добро парче гардероба не мора да се оди веќе во Солун или Софија. Се што ви треба има и кај нас. Купуваат најчесто жените, но доаѓаат и нивните сопрузи кои мора да го одврзат ќесето. Велат дека квалитетот им е на прво место и затоа традиционално купуваат кај нас, вели Јелена, сопственичка на еден од бутиците“.

Она што може да се види по продавниците се групи жени кои пробуваат се и сешто. Но има и по некој маж, најчесто со куп кеси во рацете како нестрпливо чека и дава совети за она што се пробува.

„Порано имаше гужви за време на викендите, но во последно време и во текот на неделата има се повеќе купувачи. Најчесто се од Скопје, но има и од другите градови од државава, велат во Геокс. Од таму тријат раце и велат дека и без да има попусти со македонските купувачи прометот им скокнал двојно“.

Пазарењето е на една улица. Освен локалните српски брендови има и многу спортска гардроба, но и „фејкови“. Се купува детка гардероба, долна облека, јакни. Цените се за триесетина отсто пониски од кај нас. За сите, пак, кои се љубители на брендирани марки, во Врање можат да купат ефтини Геокс чевли бидејќи тука е фабриката. Машките чевли се поскапи, околу 80 евра, а дамите можат да се почестат и за поефтина сума. Можат да се најдат модели и за 40 до 60 евра.

„Пазарам често од овде. Купувам чевли зошто цените се многу ниски. Од соседниот бутик купив и панталони за сопругот, за 1.200 денари, а потоа продолжувам по чизми, вели една скопјанка која ја затекнавме со пријателките во една продавница“.

Не се заобиколува и „Мона“. Но за тоа треба малку подлабоко да брцнете во џебот. Најефтината чанта е околу 100 евра и тоа на попуст. За кошула или костим ќе ви треба исто толку, а за фустан и малку повеќе. За посилниот пол пак освен чанти и паричници кои после Врање нема да ви бидат потребни барем неколку месеци, има и капути и јакни.

По конфекции- кафани

Не недостигаат и детските продавници. Вашите најмили можете да ги почестите освен со домашно српско производство, и со по некое парче од увоз. Не се заобиколуваат ниту месарниците. За 2.000 денари може да купите околу три килограми месо и сувомеснати производи. Познатиот српски кулен е околу 200 денари, прањечкото печено 600 денари, димените специјалитети околу 300 денари што е скоро за половина поефтино од кај нас. Се разбира ако ви останале пари.
Во маркетите, пак, е посебна приказна. Се купуваат прашоци за перење, средства за лична хигиена, сокови…
На крајот од денот, шопингот не би бил „штипинг“ ако не заврши со познатите српски кафеани. „Стари бунар“ „Морава“, „Кај Мркоља“, „Два Другара“ и уште многу други. Со музика или без, во зависност како сте расположени. Цените се посебна приказна. Прасечкото е 10 евра килограм, вината три до четири евра за литар, а се друго е далеку поефтино. Ако жените се сами,на шопинг без сопрузите, се нарачува прањечко и за дома, зашто времето за подготовка на ручекот е одамна потрошено во трката по врањските бутици.
Со крајот на денот завршува и еднодневната екскурзија. Но да не ја заборавиме границата. Ако ја поминете за помалку од триесет минути, треба да се сметате за среќен човек.
Како и да е Врање е едно посебно доживување. Ве остава со празен паричник, но барем со полн стомак.

Треба да знаете
Последни објави