Search

НАкС: Приватниот сектор да го понесе товарот од кризата исто како и јавниот

Скалесто намалување на платите на вработените во јавниот сектор од нула проценти за оние со најниски плати, до 30 отсто за оние со највисоки плати, намалување на платите на избраните и именуваните лица за 30 проценти, пренамена на буџетски средства кои не се од витално и ургентно значење во фондот за справување со кризата, се дел од алтернативните мерки кои ги предлага Независниот академски синдикат (НАкС) во справување со кризата од коронавирусот.

-Предлагаме плафонирање на платите до износ од 2.000 евра (и во приватниот и во јавниот сектор) и пренасочување на вишокот во фондот за справување со кризата, како и воведување солидарен данок на компаниите со добивки над еден милион евра, во иснос од 10 проценти од добивката која надминува милион евра, и користење на овие средства за справување со кризата. Остро се спротивставуваме на предлогот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, платите на сите вработени во јавниот сектор да се сведат на минималната плата во наредните два месеци (со исклучок на оние кои се директно вклучени во справувањето со кризата), потенцираат од НАкС.

Ваквото драстично намалување на платите, наведуваат, ќе ги стави во ризик вработените од јавниот сектор и нивните семејства за подмирување на основните трошоци за живот. Покрај тоа, велат од НАкС, предложените мерки, ќе ја оневозможат проактивната улога на професорите и наставниците, кои преземаат активности за продолжување на едукативните активности и во овие вонредни околности, користејќи онлајн алатки.

-Се сложуваме дека солидарноста е единствен начин за надминување на ефектите од кризата, но токму затоа е потребно и приватниот сектор, особено лицата со повисоки плати, како и високопрофитабилните компании и компаниите од гранките кои нема да бидат погодени од кризата, исто така како и јавниот сектор, да учествуваат со свој придонес за закрепнување на економијата, порачуваат од Независниот Академскиот Синдикат

Треба да знаете
Последни објави