Search

НАкС бара разјаснување на член од Уредбата за избор на органи и за мандати на високообразовните установи

– Независниот академски синдикат (НАкС), кој реагира на постапката за избор на ректор на Скопскиот универзитет почната од актуелниот ректор Никола Јанкулковски,  денеска до Владата достави барање за автентично толкување на Уредбата за примена на законот за високото образование за време на вонредна состојба. Барањето на НАкС содржи седум прашања со кои Синдикатот бара Владата да даде одговори за да го разјасни член 5 од Уредбата кој го уредува прашањето за избори на органи и тела на јавните високообразовните установи и за продолжување на мандатите во време на вонредна состојба.

Членот 5 од Уредбата со законска сила, која Владата ја донесе на седница на 23 март 2020, предвидува дека високоообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата за времетраењето на вонредната состојба не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им се продолжува за време додека трае вонредната состојба и дека установата е должна најдоцна од 30 дена од денот на престанување на траењето на вонредната состојба да започне односно да продолжи постапка за избор на органите и телата.

Според НАкС, вака поставеното правно правило е нејасно и непрецизно, а ова важно прашање Уредбата го решава на начин што повеќе отвора прашања отколку што нуди решенија. Затоа бара Владата, како донесител на Уредбата, да даде автентично толкување и да ја разјасни примената на член 5 од Уредбата или, пак, неа да ја измени и дополни за прецизно да се уредат овие прашања.

Проф. Маја Стевановиќ, член на НАкС, изјави за медиумите дека согласно Уредбата на Владата, не може да се одржуваат избори, да се отпочне или продолжува постапка за избор на органи, вклучително, ректор во време на вонредна состојба. Синдикатот ја чита Уредбата рече таа, врз основа на претпоставката дека Владата своите уредби ги носи водејќи сметка не само за здравјето и безбедноста на граѓаните, туку и водејќи сметка за демократичноста и легитимноста на самите изборни процеси.

-Но ректорот Јанкуловски оваа уредба ја толкува на начин дека нема пречка да се отпочне или да се реализира избор на ректор во време на вонредна состојба, изјави Стевановиќ, додавајќи дека поради нејасноста на Уредбата, НАкС од Владата бара автеентично толкување на одредбите за избори на органи и тела и продолжување на мандатот.

Доколку не е возможно Владата на нивните седум прашања да даде конзистентни одговори, тогаш НАкС бара Владата да направи измени и дополнувања на Уредбата за нештата, како што рече Стевановиќ, да бидат јасни и недвосмислени. Таа очекува од Владата да им одговори бидејќи е надлежна за толкување на актот кој самата го донела.

Покрај легалноста, НАкС ја спори и легитимноста на почнатиот процес на избор на ректор особено затоа што, рече таа, има доволно време да се избере ректор, бидејќи мандатот на сегашниот истекува на 15 септември.

-За нас од НАкС е неприфатливо да се форсираат избори на начин кандидатите за избор на ректор да немаат елементарна можност да ги претстават своите програми пред колегите и студентите. Од друга страна, гласачите немаат основна можност да се запознаат со кандидатите и со нивните изборни програми и да донесат информирана одлука, изјави Стевановиќ пред да го достават барањето во Владата.

Таа го нагласи и значењето на овие избори зашто, како што рече, се  први слободни и непосредни избори на УКИМ на начин кој е регулиран во новиот Закон за високо образование (2018) за кој Синдикатот изразил поддршка и задоволство сметајќи дека се демократизира управувањето и работењето на Универзитетот, особено изборот на ректор.

Државниот просветен инспекторат (ДПИ) на барање на Антикорупциската комисија треба да изврши вонреден надзор на УКИМ. Според Стевановиќ, одлуката на ДПИ ќе зависи токму од јасноста на Уредбата. НАкС завчера до ДПИ поднесе претставка и за незаконски почната постапка за избор на членови на Сенатот на Скопскиот универзитет.

Треба да знаете
Последни објави