Search

Наков: 1056-те страници се декор во пресудата за “27 април”

Во Апелациониот суд денеска, трет ден по ред продолжи јавната седница по жалби на осудените за „крвавиот четврток“ од  27 април 2017 година. Одбраната на осудените, како и во претходните излагања бараат пресудата на Кривичниот суд со која 16 лица беа осудени на 211 год затвор мора да биде вратена назад на повторно судење.

Адвокатот Дончо Наков смета дека пресудата но и обвинението содржат низа пропусти, објави телевизија „Сител“.

Пред апелационите судии наведе дека за ист настан во кој учествувале исти луѓе, обвинителството има четири различни обвиненија, тргнувајќи од учество во толпа, насилство, обид за убиство па се до терористичко загрозување на Уставниот поредок.

– Декор е пресудата на првостепениот суд која е напишана на 1056 страници. 75% од наведените дејствија се поврзани со луѓето кои беа амнестирани за кои во пресудата има напишано по 100-тина редови, а за осудените нема ниту по 10-тина редови. Најфрапантно е што во пресудата нема наведено локација каде се случувал настанот, рече адвокатот Дончо Наков.

Бранителката на Митко Пешов, на кого му беа изречени 15 години казна затвор, адвокатката Павлина Зефиќ вчера рече дека биле направени повреди во постапката и судските рочишта за предметот траеле и по 12 часа со следење на искази на 4-5 сведоци и биле соочени со сериозен предизвик како одбрана.

Бранителот на Митко Чавков, адвокат Сашко Дуковски, рече дека оваа пресуда е фингирана и нема било каков доказ и затоа смета дека не може да опстане.

– По однос на жалбата. Првостепениот суд не кажал и не навел што е уставниот поредок кој бил загрозен. Јас верувам дека првостепениот суд и не знаел што е, инаку ваквата пресуда не би ја напишал. Не може уставен поредок да бидат двајца пратеници за кои тврди во пресудата дека биле таргет, ниту избор на претседател на собрание, кој веќе бил извршен откако се случиле настаните. Тврди дека имаме терористичко загрозување и терористи во судницата, но не даде појаснување како ја утврдил терористичката организација и која е, кои се членовите и на кој начин постапувале, изјави  бранителот на обвинетиот Александар Василевски Нинџа, адвокат Ѕвонко Давидовиќ.

Треба да знаете
Последни објави