Search

Над 500 дрвја во Скопје растат заробени во бетон, властите ќе ги ослободуваат со експертска помош

Град Скопје потпиша меморандум за соработка со Шумарскиот факултет со кој прецизно се утврдуваат обврските на двете институции во еден многу важен дел од заштитата на животната средина – лоцирање и ослободување на т.н. заробени стебла и корења на дрвјата, од градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности.

Идејата за потпишување на овој меморандум произлезе од истражувањето на професорот Сотировски и неговиот тим во чии рамки се мапирани околу 500 локации во Скопје каде што со неправилно изведени градежни активности во минатото биле зацементирани стеблата или корењата на над 500 дрвја. Во таа насока Градот Скопје ќе изврши отстранување на градежниот материјал на точно утврдени локации каде што истиот предизвикува опасност од оштетување на дрвјата, секако по претходно извршена инспекциска контрола за утврдување на фактичката состојба и одговорноста за непрописно изведените градежни активности“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

Шумарскиот факултет освен мапирањето на локациите каде што постои опасност од оштетување на дрвјата, ќе обезбеди и стручна помош во обуката на лицата задолжени од Град Скопје, кои непосредно ќе ги реализираат теренските активности за отстранување на градежниот материјал.

Ја користам оваа можност да ги повикам и градоначалниците на скопските општини да воспостават соработка со Шумарскиот факултет со цел да ги отстраниме овие пропусти и кај дрвјата лоцирани во зелените површини што се под надлежност на општините, но и да превенираме ваквата состојба да не ни се повторува. Сакам да нагласам дека оваа активност по важност е веројатно поголема и од засадувањето нови дрвја од причина што старите дрвја со развиени крошни играат многу позначајна улога во животната средина од младите дрвја на кои им е потребно време да ги развијат своите крошни“, нагласи Шилегов.

Деканот на Шумарскиот факултет, Кирил Сотировски, ја поздрави брзата реакција на Град Скопје по нивното истражување и изрази надеж дека оваа акција е само почеток на многу заеднички активности за заштита и обнова на зеленилото во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави