Search

Над половина од граѓаните сметаат дека земјава не е подготвена да се справи со енергетската криза

Над половина од граѓаните сметаат дека Македонија не е подготвена да се справи со енергетската криза која не очекува во наредниот период, покажува последната анкета која за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според анкетата, 57,9 проценти од анкетираните се на став дека не сме подготвени за справување со енергетската криза, додека 32,6 проценти делат став дека сме подготвени.

Анализата на етничката структура на испитаниците по ова прашање покажува дека Албанците се поголеми оптимисти од Македонците. Мнозинството Албанци се на ставот дека сме подготвени да се справиме со кризата – 61,5 отсто од Македонците и 44,4 отсто од етничките Албанци се убедени дека не сме подготвени за кризата, додека став оти земјава е подготвена изнеле 28,5 отсто Македонци и 47 отсто етнички Албанци.

-Сепак, мнозинството граѓани или 51,1 отсто од анкетираните очекуваат земјава да има доволно
енергенси за да ја помине зимата, наспроти 35,3 отсто кои стравуваат дека енергенси нема да има. Мнозинството граѓани очекуваат цената на енерегенсите да продолжи да расте и оваа година – 27,5 очекуваат големо зголемување, а 36,3 проценти очекуваат цените донекаде да се зголемат, 15,8 проценти не очекуваат промени, а 9 проценти очекуваат донекаде да се намалат. Само 2,1 отсто од анкетираните очекуваат цените на енергенсите да се вратат на нивото од пред кризата, се вели во денешното соопштение од Детектор во кое се презентирани резултатите од анкетата.

Споредено со земјите од регионот над половина од граѓаните или 51,2 отсто сметаат дека државава полошо се справува со недостигот на енергенси поради војната во Украина. Разлика не гледаат 30,4 отсто од анкетираните, а 7,5 отсто сметаат дека земјава подобро се справува од земјите во регионот.

Меѓу оние кои што водат бизнис 60,5 отсто рекле дека државата полошо се справува со недостигот на енергенси во споредба со земјите од регионот. Таков став делат и 90 отсто од анкетираните земјоделци.

Исто така, 55,4 проценти од граѓаните велат дека мерките за штедење на енергија кои ги воведе владата за да се намали потрошувачката не даваат резултат, додека 37,6 отсто сметаат дека тие имаат ефект. Меѓу граѓаните кои водат бизнис или се самовработени 68,4 отсто сметаат дека ефект од штедењето нема, став кој го делат и сите анкетирани земјоделци.

-Мнозинството граѓани или 49,1 отсто велат дека месечниот буџет со кој располагаат не им е доволен за да им ги покрие основните месечни потреби за живот, додека таков проблем немаат 48 отсто од анкетираните. Над 80 отсто од анкетираните велат дека трошоците на нивното семејство лани биле зголемени. 54,4 отсто велат дека имале многу зголемени трошоци, а 28,3 отсто донекаде зголемени. Без поголеми промени велат дека поминале 13,4 проценти од анкетираните, 1,5 процент велат дека имале донекаде намалени трошоци, а многу големо намалување на почувствувал никој, покажуваат резултатите од анкетата.

Истражувањето на јавното мислење за потребите на емисијата Детектор го направи Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници
преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември. 

Треба да знаете
Последни објави