Search

Наградени најдобрите студенти на Економски факултет Скопје

На свеченоста по повод одбележување на 69 години од основањето на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје, компанијата Нелт додели награди на тројцата најдобри студенти кои денеска дипломираа. На свеченоста за доделување на дипломи и награди претходеше потпишување на Меморандум за соработка меѓу Нелт Група и Економскиот факултет при УКИМ во Скопје. Студентите на свеченоста ги поздрави Алекса Шапоњиќ, член на сопственичкиот одбор и проект менаџер во Нелт, кој потенцираше колку за компанијата е важно да ги отвори вратите за студентите, да им ја покаже практичната страна на бизнисот и да ги мотивира за да ја градат својата кариера во рамки на едно големо семејство какво што е Нелт.

„Компанијата Нелт потпиша договор со Економскиот факултет со цел поврзување на компаниите како Нелт со факултетите во Македонија. Целта на поврзувањето е да им се овозможи на студентите раното искуство да го стекнат и во тек на факултетот но и потоа“, рече Алекса Шапоњиќ во обраќањето пред дипломираните економисти.

Според деканот на Економскиот факултет во Скопје, проф. Д-р Предраг Трпески, ова е почеток на едно долгорочно партнерство во рамки на кое ќе произлезат заеднички наставни планови, програми, студии на случај и истражувања.

„На Економскиот факултет постои Центар за кариера, којшто е доста развиен, каде што практично студентите со нивното запишување почнуваат да ја градат, да ја конципираат нивната професионална кариера. Тука ја гледам и долгорочната можност за соработка на Економскиот факултет со Нелт, да почне оваа групација да размислува како да регрутира студенти од Економскиот факултет во Скопје за нивните потреби во иднина“, рече деканот Трпески.

Наградени од оваа генерација беа Симона Николовска, Александар Гоговски и Александра Колева, како студенти кои го завршиле Економскиот факултет со највисок просек.

„Наградата од Нелт од една страна е признание од бизнис зедницата за трудот што сме го вложиле овие 4 години, а од друга страна мотивација која нѝ треба особено сега кога сме на почетокот на кариерата“, истакна Симона Николовска, студент на генерација со просек 10.

Тројцата наградени се согласуваат дека е одлично што голема интернационална компанија како Нелт се интересира за македонските студенти и ги отвора своите врати нудејќи им можност во такво бизнис опкружување да ги градат своите кариери.

Нелт во Македонија е компанија која е дел од глобална групација чии деловни активности се распространети во 11 земји и вработува над 4.000 луѓе. Тимот на Нелт Македонија со околу 260 членови настојува да ги пренесе сите интернационални трендови и успешни практики како во доменот на работењето така и во доменот на општествената одговорност и вложувањето во заедницата. Интензивната соработка со високообразовните установи е дел од заложбите на Нелт за поддршка и давање можности на младите таленти.

 

Треба да знаете
Последни објави