Search

Наградата „Ристо Шишков” за хрватскиот актер Драшко Зидар

Хрватскиот актер Драшко Зидар ја доби наградата за високо актерско остварување на 27. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков”, кое заврши синоќа во Струмица. Актерот наградата ја доби за улогата на Сладек во претставата „Аудиенција”, работена по текст на Вацлав Хавел, во режија на Дражен Ференчина, а во продукција на театарот од Вировитица, Република Хрватска.

Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот и парична награда во износ од 1.500 евра. Годинашниот лауреат не присуствуваше на доделувањето на наградата и ќе му биде врачена дополнително. Претседателот на жири комисијата, Благоја Чоревски подвлече дека одлуката е донесена едногласно, а во конкуренција биле уште неколку актери.

-Подобро е да одиграм илјада претстави отколку да бидеш на ова жешко столче. Но, за среќа овој фестивал од година во година станува се подобар во однос на актерската игра, зашто мене ме интересира актерската игра. Во тој сегмент ние на заостануваме зад театрите и на Балканот и во Европа. Единствената награда „Ристо Шишков” му ја доделивме на Драшко Зидар. На сцената се двајца актери, но Драшко беше мајстор надополнуван од неговиот колега. Мајсторски ја одигра улогата, а тоа е приближно до она што беше бардот и генијот на македонскиот театар, Ристо Шишков, рече претседателот на жирито, Благо Чоревски, во кое покрај него уште членуваа Никола Вандов од Бугарија и Драган Јаковлевиќ од Србија.

Во рамките на Фестивалот се одржа и деветото издание на камерна драма НЕТА (Нова европска театарска акција), која додели награди на повеќе актери и претстави. Фестивалот финансиски е помогнат од министерството за култура и општина Струмица.

Треба да знаете
Последни објави