Search

МФ, Народната банка и АСО ги доделија наградите по повод деновите на штедењето и осигурувањето

 Преку подобрување на финансиската писменост кај граѓаните се овозможува тие да носат поефективни одлуки за личните финансии, што пак влијае на економијата во целост – затоа е потребно уште од најмала возраст децата финансиски да се едуцираат. Ова беше истакнато на доделувањето на наградите по повод традиционалниот конкурс за ликовни и литературни творби по повод Светскиот ден на штедењето и Денот на осигурувањето, кој го распишаа Министерството за финансии, Народната банка и Агенцијата за супервизија на осигурување.

На настанот кој се одржа во Министерството за финансии присуствуваа министерката за финансии, Нина Ангеловска, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Попоски.

Министерката за финансии, Ангеловска посочи дека анализите покажуваат дека кај развиените економии финансиската писменост е два до трипати повисока во однос на финансиската писменост кај економиите во развој. Таа истакна дека во време на широка понуда на финансиски инструменти и услуги, граѓаните треба да бидат финансиски едуцирани за да можат да ги носат вистинските одлуки.

– Кај нас, последното мерење кое го направи агенцијата ГФК, покажа дека финансиската писменост на населението има многу простор да се подобрува преку финансиската едукација. Потребно е да се засили финансиската едукација и тоа за сите возрасти со цел – прво да ги ползуваат бенефитите, второ да се засилат механизмите за самозаштита кај самите потрошувачи, врз основа на личното знаење да прават вистинска проценка. Унапредувањето на финансиската писменост е важно за да можат кога зборуваме за кревање на фискална транспарентност, да можат тие податоци да ги разберат, со тоа да го формираат јавното мислење и да вршат и подобрување и притисок кон институциите, за сите заедно да се подобруваме – рече министерката Ангеловска.

– Во изминатиот период и ние како централна банка интензивно вложуваме во сферата на финансиската едукација, а од годинава и во поттикнувањето на финансиската инклузија. Имајќи предвид дека анкетните истражувања покажуваат релативно пониска писменост кај помладите, односно дека само 40% од младите на возраст од  18 до 24 години располагаат со минимум потребни финансиски познавања, голем дел од нашите активности се фокусирани на помладата популација – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Таа и соопшти дека активно се работи на првата наша Национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, којашто се очекува да биде донесена следната година. Во неа ќе бидат вградени сето стекнато искуство изминатите години, препораките на релевантните меѓународни институции и организации и најдобрите практики во оваа сфера.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Климе Попоски, истакна дека раната финансиска едукација претставува клучен фактор за долгорочен развој и стабилност на финансискиот систем во една земја. Истражувањата во развиените земји покажуваат висок степен на корелација помеѓу финансиска едукација и писменост и благосостојбата на населението.

Попоски рече дека АСО како регулатор на пазарот на осигурување години наназад презема многубројни активности на полето на финансиската едукација меѓу кои и издавање корисни брошури и памфлети, друштвени игри за помладите од кои учат за ризиците и управувањето со нив, како и организирање редовни предавања во основните и средните училишта. До крајот на оваа година ќе биде промовиран интерактивен портал со цел граѓаните да се едуцираат и зајакне свесноста од опасностите од постоење на ризици и потребата за осигурување како инструмент за заштите од потенцијални финансиски загуби.

Инаку, конкурсот за литературни и ликовни творби на ученици по повод Светскиот ден на штедењето и Денот на осигурувањето, веќе е традиционален. Годинава, на конкурсот се пријавија над 1000 ученици од основните и средните училишта од целата земја, додека наградени беа 18, а пофалени 32 ученици. Целта на конкурсот е преку креативно учење и изразување да се засилат знаењата на учениците во областа на штедењето и осигурувањето.

Треба да знаете
Последни објави