Search

Мустафа до Тачи: Коригирај ги меѓите на твоите ниви, не ги допирај границите на Косово

Поранешниот премиер и актуелен лидер на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, му порача на претседателот Хашим Тачи дека „може да ги коригира само меѓите на своите ниви, ама никако границите на Косово”, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според Мустафа, отворањето на дебата за корекција на границите, за што се залага Тачи во преговорите со Србија, претставува „самоагресија врз државата и територијата на Косово”.

– Забрането е да се преговара за границите, за територијата, за независноста прогласена на 17 февруари 2008! Отворањето на дијалогот за границите претставува самоагресија врз државата и територијата на Косово. Ако некому му останало да се пазари за корекција на граници, тој може да си ги коригира само меѓите на сопствените ниви, ама никако границите на Косово, му порача Мустафа на Тачи преку својата страница на Фејсбук.

Претседателот на државата, Тачи, смета дека, за постигнување конечен договор за решавање на споровите со Србија, потребна е „извесна корекција на границата” меѓу двете земји. За своевидно „разграничување со Косово” се залага и официјален Белград, пред се претседателот Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ.

Косовската опозиција, но и премиерот Рамуш Харадинај, како и дел од неговите партнери во владејачката коалиција, остро се спротивставуваат на ваквите заложби, предупредувајќи дека зад нив се крие намерата за размена на територии, со што, како што порачуваат, ќе се прекрши Уставот на земјата, но и „ќе се отвори Пандорината кутија за целиот регион”.

Треба да знаете
Последни објави