Search

Муслиманска толпа запали христијанска црква во Нигер по апсењето на локалниот имам

Толпа муслимански активисти викендов уништија и запалија христијанска црква во Нигер, во знак на протест поради апсењето на влијателен локален имам, пренесува „Франс прес“.

Во саботата вечерта, голем број демонстранти во Маради, третиот по големина град во Нигер, ја запалија Црквата на Божјо Собрание во населбата Сарија, заедно со автомобилот на парохискиот пастор. Во соседната населба била уништена уште една црква.

Сведоците изјавиле за „Франс прес“ дека доцна вечерта во саботата, групи млади муслимани подигнале барикади на патот и запалиле стари гуми во знак на протест поради апсењето на Чеик Рејдун, влијателниот имам од џамијата „Зарија“.

Полицијата го уапсила имамот претходно истиот ден откако тој на петочната молитва проповедал против новиот владин закон за организирање богослужба, нарекувајќи го предложениот закон антиисламски. По неколку часа во притвор, имамот бил ослободен .

Висок официјален претставник на Министерството за внатрешни работи на Нигер изјави дека во предложената легислатива нема ништо антиисламско, туку е плод на екстензивна консултација и е наменета за спречување на мерките за кои се залагаат опскурните терористички организации во земјата.

Во 2017 година, Министерството за внатрешни работи на Нигер ги повика исламските научници од земјата да работат заедно за изготвување на нацрт-законот. На крајот од април, Советот на министри го усвои законот наменет за спречување на ризиците од злоупотреби како во другите земји и да обезбеди средства за државата да ги регулира практиките што се вообичаени во религиската сфера.

Имамот Рејдун изјави дека бил погрешно информиран за содржината на нацрт-законот, откако бил лажно наведен да верува дека со него ќе се наметнат истополовите бракови. Тој рече дека тој ќе ја исправи грешката во својата проповед овој петок. Во меѓувреме, полицијата уапси 178 муслимански демонстранти во врска со насилствата во саботата.

Нигер е претежно муслиманска земја во која само 1-2 отсто од повеќе од 20 милиони жители се христијани. Земјата не е позната по религиозно мотивираното насилство.

По објавувањето на карикатурите на пророкот Мухамед во францускиот весник „Шарли ебдо“ во 2015 година, антихристијанските банди убија десет луѓе во Нијамеј и ги уништија повеќето од цркви во главниот град, како и во Зиндер, вториот по големина град во земјата .

Треба да знаете
Последни објави