Search

Музејот на традиционална тиквешка храна имал 15 000 посетители во шест години постоење

Петнаесет илјади луѓе го посетиле Музејот на традиционална тиквешка храна за шест години постоење. Во музејот се изложени  повеќе од 500 предмети поврзани со производство и обработка на храна, како и орудија и алати за обработка и производство на традиционална тиквешка  храна.

Тие се изработени од камен, дрво, керамика и стакло. Поставката е збогатена со машка и женска народна носија која го отсликува етничкиот предел на Тиквешијата. Музејот е составен од четири оддели –  археолошки, етнолошки и две спомен-соби –  на Васил Хаџиманов и Никола Бадев. Спомен-собата на Бадев беше отворена во октомври 2018 година по повод стогодишнината од неговото раѓање.

Од Музејот велат за МИА дека основна цел и мисија на оваа културна институција е преку предмети  и други експонати да ги запознае посетителите со основните музеолошки и културолошки вредности на самата институција, кои претставуваат сведок за богатото културно наследство во Тиквешијата. Едукацијата и запознавањето со културните  вредности има различни целни групи –  млади, деца од училишна и предучилишна возраст, туристички групи…

Музејот беше отворен  во рамки на проектот „Гастрономски патишта – Кајмакчалан” помеѓу општините Кавадарци и Едеса, финансиран од Европска Унија преку Програмата  за прекугранична соработка.

Треба да знаете
Последни објави