Search

МТСП: Заедно да ја усвоиме и спроведеме социјална реформа за да овозможиме социјална правда

Социјалната правда е основен предуслов за мир и просперитет во една држава и затоа по повод денешниот Меѓународен ден на социјалната правда, ги повикуваме пратенците да ги гласаат Законите од социјалната и детската заштита кои се во собраниска процедура, за заедно да изградиме поправедно и вистински хумано општество за сите наши граѓани, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Со овие закони, додаваат од МТСП, ја спроведува социјалната реформа, со која ќе бидат извлечени 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија, но и ќе се обезбедат еднакви шанси за секое дете. Со овие реформи пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати, детскиот додаток наместо досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, 64.316 деца.

-Наша крајна цел е со овие додатоци да ја намалиме детската сиромаштија, која во моментот изнесува близу 30 отсто. Ова значи дека едно од три деца живее во сиромаштија. Нашиот фокус го насочуваме кон тоа да им помогнеме токму на овие семејства. Со социјалната реформа за првпат системот го отвораме за лицата со ниски примања. Така, додатоците за семејства со деца кои живеат во сиромаштија ќе се зголемат за повеќе од 100, се вели во денешното соопштение од МТСП.

Со новиот пакет закони, потсетуваат од Министерството, социјалната помош се зголемува за 300 отсто, но овозможуваме и полесна активација на невработените на пазарот на труд.

-Со воведување на социјалната пензија обезбедуваме достоинствен живот за оние кои го граделе нашето општество, а немаат извор на приход од кој можат да се издржуваат. Со социјалната реформа овозможуваме праведна распределба на средствата, кои ќе бидат насочени кон оние на кои навистина им се потребни, велат од Министерството за труд и социјална политика и притоа ги повикуваат сите пратеници, да се обединат и да ја изгласаат оваа реформа со која, како што потенцираат, ќе се создаде поправедно општество за сите наши граѓани и на сите следни генерации ќе им се обезбеди подобар живот.

Треба да знаете
Последни објави