Search

„Моја бесмртна љубов“ – нова концертна сезона на Филхармонија

Новата концертна сезона (2019-2020) на Филхармонија е насловена „Моја бесмртна љубов“. Oд филхармонијата најавуваат сезона богата со  фантастичен избор на солисти и диригенти, како и софистицирана и деликатно избрана програма која ќе го презентира диверизитетот на класичната музика преку различни естетики и стилови.

„Насловот алудира на писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, кои и денеска се пример за деликатно и емотивно обраќање кон љубената. Со оваа посвета на Бетовен, која нема да биде одбележана само со насловот на сезоната, туку и преку изведба на негови дела, Филхармонија се вклучува во одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на овој германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година“, истакна Виктор Илиески, директор на Филхармонија.

И Филхармонија прославува значаен јубилеј – 75 години од формирањето.

„По повод овој значаен јубилеј нашата институција подготви роденденски концерт кој ќе се одржи на 21 ноември. На роденденскиот концерт ќе присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југосточна Европа и Кина „16+1“ кој тогаш ќе се одржува во Скопје. Тоа е голема чест и привилегија за нас како институција бидејќи овој концерт ќе претставува и презентација и промоција на нашата музичка традиција во пошироки рамки“, истакна Илиески.

Сезоната на Филхармонија се отвора на 26 септември со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, чија изведба како што оценуваат критичарите речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор.

„Со оркестарот ќе диригира Антони Вит, еден од највлијателните полски диригенти, добитник на наградата „Херберт вон Карајан“ во 1971 година. Вит му бил и асистент на Карајан на Велигденскиот фестивал во Салцбург, а неговата богата интернационална кариера вклучува настапи со најзначајните оркестри во Европа, Америка и далечниот Исток“, истакна Илиески.

На прес-конференцијата зборуваше и продуцентката Роза Нолчева која истакна дека и во новата сезона публиката ќе има можност да слуша солисти кои настапуваат со водечките оркестари во Европа и Америка.

„Навистина е тешко секоја година да се прави исчекор во конципирањето на програмата кога стандардите се поставени високо, а ние се обидуваме да поставуваме високи параметри кога станува збор за секоја нова концертна сезона“, рече Нолчева.

Ана Кондратенко, концерт-мајстор во оркестарот на Филхармонија ја истакна програмата која паралаелно ќе се реализира на Камерната сцена.

„Исто така, во Камерната сала ќе продолжат да се одржуваат рецитали на странски, но и на нашите солисти, главно од оркестарот на Филхармонија на кои оваа сцена им е матичен подиум на кој можат активно да концертираат во најразлични формации и состави“, истакна Кондратенко.

Владимир Костов потенцира дека за него како концерт-мајстор и музичар во оркестарот е важно тоа што програмата е деликатно конципирана со настапи на врвни солисти и диригенти.

Треба да знаете
Последни објави