Search

МОТ од 13 до 21 септември на шест сцени низ Скопје

Септември е во исчекување на најголемиот меѓународен театарски фестивал во Северна Македoнија, 44 – то издание на Млад отворен театар (МОТ), кој годинава се одржува малку порано од стандардниот термин, од 13 до 21 овој месец.Фестивалот се отвора со победникот на Прашкото квардинале за перформанс,дизајн и простор „Оваа зграда (на)вистина зборува“ во МКЦ во 20 часот.

Проектот е составен од три дела: инсталација со перформативен дел во соработка со актерката Кристина Леловац; кратко видео насловено „Кино Култура“ и двојазична публикација. По отворањето следува „Девојчето со жиците“ на малата сцена на НОБ. Драма-опера напишана од Марјан Неќак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска за виолинистка, која патува со воз низ Европа. Референцата по Андерсеновата „Девојчето со кибритчињата“ е на повеќе нивоа.

Сцената на сала Фросина е домаќин на вториот ден на МОТ (14 септември), кога гостува Словенско младинско гледалишче со новиот проект на Томи Јанежиќ – „Сè уште без наслов“ кој трае повеќе од десет часа. Дон Жуан е едно од оние книжевни дела што поминале низ најмногу адаптации. Низ текот на целата претходна сезона, Томи Јанежиќ и неговиот тим го земаат ова дело како референтна точка за истражување и лабораториски пристап. Приказната е од аголот на неговото заведување и низ последиците на неговите дела – кои се среќаваат во еден
момент, во едно срцебиење.

Третата фестивалска вечер на МОТ, 15 септември почнува со „Трите сестри“ од Васил Христов работена по мотиви на Антон П. Чехов. Претставата зборува за мечтата за ослободување, која запаѓа во состојбата на безизлезност, дури и пред да почне борбата. Безизлезноста се удвојува преку повторувањето на потребата за промена, ослободување, исчекор. А по неа програмата продолжува во Кино Култура со два перформанси од проектот „Што е кореографија?“ на центарот Локомотива. „Дримстејт“ од Валентино Апостоловски – состојба на намалена
свесност, во која околината е перципирана како во сон и „Мунлајт“ од Александар Георгиев и на Дарио Барето Дамас од Шпанија – кореографски проект фокусиран на поетски структури, сценско изведбено истражување на дисперзирани значења, како прилагодлива реалност.

„Човековиот срам“, првично изведуван во затворот во Матера, Италија е закажан за четвртиот ден на МОТ, 16 септември. Танцовиот перформанс е „роден“ од проектот „Поетиката на срамот“ во копродукција на #Reteteatro41 и Matera- Basilicata Foundation 2019. Силвија Грибауди и Матео Мафесанти го истражуваат методот во кој авторите се постојано поврзани со територијата каде што се наоѓаат. Мајсторот на церемонијата и единствената македонска актерка во
перформансот е Симона Спировска.

Петтата фестивалска вечер е за авторот и режисер Борут Шепаровиќ со жестоката и предупредувачка претстава „Младина без бог“, која удира во желудник и за која се размислува целиот нареден ден, покажува стравотно мрачна и застрашувачка слика за делата на младите генерации, антихероите на СТЕМ револуцијата, кои изгубиле вера во Европа и нејзините хуманистички вредности, а веруваат во профит, гејмерската индустрија, сајберуниверзумот и
смртта. А по неа, на малата сцена на НОБ, Игор Вук Торбица ќе ја постави претставата „Бакхи“. Меѓу преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, „Бакхи“ се издигнува поради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхи-те ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување приказни.

Железничката зграда ќе биде домаќин на шестиот ден на МОТ за проектот „Сè е во парите“ во режија на Борис Бакал. Проектот се занимава со односите меѓу општествените и материјалните вредности од една и парите од друга страна, сè од перспектива на лични наративи, реални финансиски примања, перманентни финансиски кризи на ова време, како и амбивалентна улога на парите во целокупната општествена размена. Следува романската „Момчињата на Медеја“ на малата сцена на НОБ, во продукција на „Apollo 111 Theatre“. Претставата го илустрира режисерското прекршување на легендата на Аргонаутите и Златното руно. Оваа претстава отвора дискусија за машката ранливост, мачоизмот, патријархатот и мизогонизмот, користејќи средства на иронија и хумор. Сцената (прикажана како морнарски бар) е населена само со машки ликови. Вечерта ќе заврши во МКЦ со „Арапска ноќ“ – драмски текст на Роланд Шимелфениг, во
режија на нашата Зоја Бузалковска со музика на „Фолтин“ кои ќе бидат дел од претставата. Поставена е речиси во сите поголеми и поважни театри, одиграна на многу јазици. Овој текст-партитура за пет ликови е игра на жанрови и стилови. Дејството се случува во еден европски град, на седмиот кат од една станбена зграда, во една летна ноќ, кога веќе востановената практика на функционирање на животите секоја вечер, ненадејно се прекинува. Со текот на времето, зградата се претвора во „волшебна кула“ и станува „извор на магичен реализам“.

„Злосторството на 21 век“ во режија на Владимир Милчин ќе се изведе народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес. Претставата е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд, еден од највлијателните и најконтроверзните драмски автори во модерната драматургија. Tоа е дистопична визија на еден свет во кој човештвото е под тотален надзор/контрола. Четворицата отпадници од цивилизацијата се бегалци од жигосувањето со микрочипови, се кријат во урнатините и бегаат од законот, а во нивните односи доминира стравот од поткажување или откривање.

Португалската театарска компанија „Arena Ensamble“ ја отвара седмата фестивалска вечер со претставата „Привремени фигури“ во МКЦ. По неколку месеци работа во Great Yarmouth со девет жители од различни националности, режисерот – Марко Мартинс ни носи приказна базирана на индивидуални сведоштва на луѓето, кои лично го искусуваат периодот на несигурност и
прилагодување. По неа следува премиерата на „Несоодветно за работа“ на Драмски театар во режија на Доналд Ворен Мофет, а автор на истата е Луси Кирквуд, по кореографија на Кренаре Невзати и костимографија на Александар Ношпал.

Фестивалската програма завршува со „Чист град“ од експерименталната сцена на Националниот театар во Атина – Анестис Азас и Продромос Циникорис со приказна за петте чистачки кои станаа театрални хероини. Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапи култниот бенд „Шумски“ од Хрватска и номинираните за Греми, „кумови“ на алтернативното
кабаре – Tiger Lillies со едно посебно шоу, славејќи 30 години во бизнисот. Покрај двата концерти, работилница за специфична локација – „Оди и види“ во Железничката зграда, предавање и дискусија со Мајк ван Гран во Кино Култура и промоција на книгата „Анамнезис: Дијалози на уметноста во јавен простор“ од Сандра Ускоковиќ во МКЦ.

Билетите за сите претстави до 12. септември ќе можат да се купат по промотивна цена од цена од 200 денари, освен за претставата на „ Сè уште без наслов“ и концертот на „Tiger Lillies“ кои во тој период ќе можат да се купат по цена 350 денари.

Од 13. септември, билетите за сите претстави ќе изнесуваат 300 денари, а билетите за „Се уште без наслов“ и концертот на „Tiger Lillies“ ќе изнесуваат 500 денари.

За претставата „Злосторството на 21 век“, која се игра во Велешкиот театар, цената на билетите ќе биде 200 денари со организиран автобуски превоз од Скопје. За оние што немаат потреба од организиран автобуски превоз, цената на билетите е 100 денари само на касата на Велешкиот театар или со резервации на teatardzinot@yahoo.com или на 043231750.

44-от Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени низ Скопје, Национална опера и балет, Кино Култура, Железничка зграда, Театар Комедија, сала Фросина – МКЦ, Дансинг сала – МКЦ и Драмски театар и една во Велес – Театар Јордан Хаџи Констатинов Џинот. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Градот Скопје.

Треба да знаете
Последни објави