Search

Москва нема да дозволи конфликт меѓу турските и сириските сили

Специјалниот пратеник на рускиот претседател за Сирија, Александар Лаврентјев изјави денеска дека потенцијалниот конфликт меѓу турските и сириските владини сили не е во ничиј интерес и дека Москва нема да дозволи такво нешто.

Лаврентјев рече дека таквиот конфликт ќе биде неприфатлив.

Тој исто така ги демантира наводите дека Москва дала „зелено светло” за турската операција во Сирија, истакнувајќи дека Русија „секогаш смета дека воената операција во Сирија е неприфатлива”.

Во изјава за руските медиуми тој потврди дека курдските лидери и претставници на сириската Влада разговарале минатата недела во руската воена база Хмејм, наведувајќи дека не му е познато кои се резултатите од тој состанок.

Лаврентјев рече дека Русија се надева дека американските сили ќе ја напуштат Сирија, но дека моментално е тешко да се процени дали ќе се случи тоа.

– Сите се надеваме дека американските сили, порано или подоцна, ќе ја напуштат Сирија, рече Лаврентјев.

Според него, турската операција всушност ги охрабрила Курдите да разговараат со сириската Влада, изразувајќи надеж дека успешниот дијалог меѓу Курдите и Дамаск може да биде „голем чекор кон враќање на сирискиот суверенитет, територијалниот интегритет и независност”.

Лаврентјев исто така рече дека Русија отсекогаш правела некои напори да посредува во таа насока.

Треба да знаете
Последни објави